Наставнички пленум: „Место поддршка, добивме напад и политички етикети“
Објавено во: Македонија 23 Март, 2015
Вчера самоиницијативно група на наставници излезе пред Министерството за образование да го искаже незадоволството од како што велат лошите реформи во образованието на Македонија.
Тие по чекорот на нивните ученици со свирчиња и транспаренти „Стоп за лошите реформи“ и „Доста беше молк“ мирно маршираа низ улиците на главниот град се до МОН каде што доставија анализа за она што сметаат дека не чини во образованието.
Но, овој нивен протест воопшто не му се допадна на СОНК, од каде реагираат преку соопштение во кое сметаат дека протестот е политизиран и го нагласуваат деполитизирањето на образованието и тргање на рацете од него на сите политички партии.
Од Наставничкиот пленум преку соопштение до медиумите јавно упатија Отворено писмо до СОНК.
Во контекст на тоа истото ви го пренесуваме во целост.
„Читајќи ја вашата реакција за протестите на наставниците останавме вчудонивидени од ваквата незрела и избрзана реакција.
Денес ја очекувавме вашата силна поддршка. Што направивте вие? Не обележувавте со партиски бои. Кој е обележан во оваа ситуација? Ние или вие? Кој од нас даде политичка изјава? За разлика од вас (прегледајте архива на активности на СОНК со изјави за медиуми), кој од нас самостојно без консултација и согласност на наставниците кои беа на протестот даде изјава или соопштение? Сите изјави и соопштенија кои беа дадени на протестот како и обраќањата и барањата беа пленумски разгледувани и заеднички составени до конечното читање. Не имаше од сите средини. Малку бевме, но доволно за да направиме детални анализи на сите наши барања кои анализи и вам ви ги испративме но вие не го консултиравте членството како и многупати досега.
Во нашите редови на протестот 98% беа членови на СОНК. Ги препознавте сигурно или пак не ги знаете затоа што никогаш не сте се консултирале со нив што мислат за образованието. Сакате ли да ви објавиме список со имиња, презимиња и броеви на членските книшки од СОНК. Ние не се криеме зад никого, вие се криете од членството. Се консултиравте ли со членството за почеток на штрајкот? НЕ. Се консултиравте ли со членството за прекин на штрајкот (го прекинавте во недела-неработен ден)? НЕ. Се консултиравте ли со членството за потпишување на спогодбата (ја потпишавте во недела 15 март- неработен ден)?НЕ. Се консултиравте ли за вашата реакција на нашиот протест со членството (ја дадовте веднаш по завршување на протестот во недела-неработен ден)?НЕ. Ако сте се консултирале кога толку брзо го собравте и консултиравте огромното членство? Објаснете ни го моделот на експресни консултации можеби нешто ќе научиме од вас. Го имате нашиот допис до вас за лошите реформи во образованието. Го имате нашиот повик да ни се придружите на протестите како наши репрезентативни претставници. Што друго според вас не чини во ваквата ситуација. Наместо да дадете безрезервна поддршка на нашиве барања побрзавте да ни залепите некакви политички етикети кои ние ги немаме. А вие ги имате ли?
Ги мешате учениците во целава оваа ситуација. Срамота. Учениците немаат синдикат преку кој би се бореле за своите права. Учениците нè имаат нас наставниците кои треба силно да ги поддржиме во нивните барања затоа што се реални. Кој ќе ја направи оценката за она што е лошо во образованието подобро од учениците и наставниците. Очекувате ли таквата оценка да ја направат оние кои ни еден школски час не одржале во животот? Оние кои ниедна дневна подготовка не направиле во животот. Оние кои незнаат што е наставно ливче. Вие тоа требаше да го оцените наместо учениците и наставниците. Го оценивте ли? Дајте ја вашата анализа, ако ја имате, да ја разгледаме сите наставници и учениците. Ако е добра бидете сигурни дека ќе ја добиете нашата силна поддршка и заедно ќе се залагаме за поквалитетно образование. Ако ја немате ние ќе ви ја дадеме, па со таа анализа излезете да преговарате во работни денови пред членството, а не во недела.
Ние не бараме ниту побаравме ничии оставки. Не побаравме и нема да побараме оставка од министерот, НЕ! За нас тој е министер, друг немаме.
Ние сакаме да му помогнеме како просветен кадар да ги согледа лошите решенија во Законите за основно и средно образование и да ни изготви поквалитетни закони за поквалитетно образование.
Ние не побаравме ни оставка од СОНК, НЕ! Ние немаме друга организација која е задолжена да ги штити нашите права. Сакаме само да ви помогнеме со аргументи и анализи да седнете со релевантните фактори да преговарате за поквалитетно образование. Повикајте не на заедничка дебата, не бегајте, заеднички да ги разгледаме проблемите во образованието. Вие имате просторни услови, наши пари, материјали. Во одсуство на ваша активност ние ја имаме улицата за канцеларии – друго немаме. Ако тоа не го сакате, тогаш ние не можеме да ви помогнеме во грешките кои ги правите во чекори напаѓајќи си го членството кое за вас веројатно е само бројка на хартија и извор на финансии за вашите плати.
Ве поздравуваме со нашиот пленумски поздрав „СТОП за лошите реформи во образованието“ и ви посакуваме успех во вашите понатамошни грешки кои секако дека ние ќе ги поправиме.