НЕКОЛКУ УБИСТВА СЕ РАСЧИСТЕНИ, ПЛАНИРАЛЕ ДА НАПАДНАТ И ФУНКЦИОНЕРИ, А ФАТЕНА Е И МНОГУ ДРОГА - обвинителите лани имале корист од следењата и снимањата на телефоните
Објавено во: Македонија 02 Септември, 2022
Шест случаи на различни убиства, или три случаи на исти убиства, биле разрешени минатата година со помош на посебни истражни мерки, и тоа следење и снимање на телефонските разговори и другите комуникации, како и следење и снимање на лица надвор од нивните домови.
А, една од ПИМ мерките била применета и за делото - убиство на претставници од највисоките државни органи / казнување за подготвување.
Јавното обвинителство го објави извештајот за тоа какви и колку ПИМ мерки спроведувале минатата година, а потпишан е од главниот републички обвинител Љубомир Јовески.
Инаку,
согласно
ЗКП, Јавниот обвинител има обврска
еднаш годишно да достави извештај до Собранието за посебните истражни мерки што
се побарани во претходната година.
Примената на тие мерки
е од исклучително значење во борбата со организираниот криминал. Тие по својата природа се смислено нарушување на одредени човекови
слободи и права, но се применуваат поради
остварување на повисоки цели - заштита на општеството и граѓаните од тешки
форми на криминал. Примената
на ваквите мерки е прецизно регулирана и е предвидена само во строго определени
случаи кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за
успешно водење на кривичната постапка, а кои на друг начин не можат да се
соберат.
Посебни истражни мерки има повеќе и тоа следење и снимање на телефонски и другите електронски комуникации, следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории, тајно следење и снимање лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, таен увид и пребарување во компјутерски систем, автоматско, или на друг начин пребарување и споредување на личните податоци, увид во остварени телефонски и други електронски комуникации и слични мерки.
Во основните јавни обвинителства во текот на 2021 година применети се посебни истражни мерки во вкупно 59 случаи против 204 лица со утврден идентитет, 11 лица со неутврден идентитет и 126 предмети на кривично дело.
Mерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации била најмногу применувана. Оваа мерка е применета во вкупно 44 случаи, против 161 лице. Снимањето траело од еден, па се до 12 месеци. Како резултат на доказите прибавени од ова следење, во девет случаи се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка, во 17 случаи е запрена истражната постапка, бидејќи не се обезбедени доволно докази,во еден случај обезбедени се докази со примена на други методи на докажување, во три случаи се поднесени обвинителни акти и во еден случај донесена е пресуда врз основа на спогодба,а во седум случаи мерката е во тек.
Кривични дела за кои е применета оваа посебна истражна мерка во три случаи биле убиство, потоа неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори имало во 36 случаи, како и во помал број на други случаи, меѓу кои и злосторнично здружување и слично.
Мерката следење и снимање во дом или приватен простор, не била применета во ниту еден случај.
Затоа, пак, мерката тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен е применета во вкупно 40 случаи против 183 лица со утврден идентитет и против 126 предмети врз кои се применувала мерката.
Кривични дела за кои била применета оваа мерка биле убиство, исто во три случаи, како и неовластено производство, пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, како и за два случаи на терористички организации, а расчистени се и други кривични дела.
А, оваа мерка била применета и за делото - убиство на претставници од највисоките државни органи / казнување за подготвување.
Од извештајот на обвинителот се гледа дека има намалување на применетите истражни мерки во текот на 2021 година во однос на 2020, и тоа и во бројот на случаи и во бројот на опфатени лица, а бројот на предмети кои биле опфатени со мерките е скоро идентичен. Како и минатите години, посебните истражни мерки во најголем број на случаи се применувале за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и перкурзори.
Н.Н.Ф.