Нестор Огинар: Спорот на Грција околу нашето име е само завеса зад која се крие нешто многу пострашно
Објавено во: Македонија 28 Мај, 2018 16:17
Дa истраеме и да победиме во интерес на Македонија и македонскиот народ, и покрај грчкиот геноцид, порачува професорот и активист на македонската дијаспора во САД, Нестор Огинар. Тој неодамна испрати и моќна порака до генералниот Секретар на ООН, Антонио Гутереш пред седиштето на ООН во Њујорк за преговорите за името, и за правата кои на Македонците никој не смее да им ги одземе. Огинар побара поддршка од другите народи за правото на самоопределување на Македонците.
Фактор: Постои ли според вас прифатлив предлог со кој ќе се најде решение за спорот со Грција, но и ќе се зачува достоинството на македонскиот народ?
Морам уште веднаш да кажам дека ќе бев најсреќен ако немаше причина за постоење на вакви прашања на кои треба да се одговара. Македонија е втурната во лавиринтот на критскиот Минотаур каде што со децении талка по темните патеки без да го има клопкото што води до излезот. Клопкото постои, се разбира, но тоа не е во рацете на оние коишто сакаат, знаат и умеат да го употребат. Решение за „спорот” со Грција околу името има. Ќе повторам... Има, но тоа не лежи во „заеднички прифатлив договор“. Ме прашувате дали постои „прифатлив предлог”? Се разбира дека НЕ постои...НЕ постоел..., НИТУ треба да постои! Уште од 1993 година па наваму, во моите повеќекратни средби со „македонските“ политичари, од Глигоров, преку Кљусев, Георгиевски, Тупурковски, Трајковски, Бучковски и уште многу други, се обидував да им кажам дека за некои суштински работи од национален интерес нема ниту компромис, ниту договарање, ниту попуштање. За тоа е потребна национална визија и програма! Во мигот кога покажаа дека не знаат ниту кои се, ниту што се, ниту како и каде ја гледаат Македонија во Европа и светот, во мигот кога прифатија да седнат на маса и да одговараат на барањата на Грција преку ООН па понатаму, покажаа предвидлива слабост и ја покажаа својата несигурност во својот сопствен идентитет. Кога прифаќаш да зборуваш за „проблем” што не постои, проблем што некој ти го наметнува, ти покажуваш наивност и несигурност, не само како политичар, туку и како карактер и му дозволуваш на другиот да ти наметнува барања што сè подлабоко те влечат во бездната. Ете тоа ни се случува нам уште од првиот ден на нашето осамостојување и тоа води во продолжено губење на независноста и суверенитетот, во сè позасилен и незапирлив спирален политички, безбедносен и морален пад од кој што е тешко да се извлечеме. Затоа барањата, не само на Грција, туку и сите наши соседи не треба да нè изненадуваат. Пораките што „македонските“ политичари ги пуштаат во светот, но и внатре во Македонија, скоро три децении, не само кон Грција, не само кон соседните земји, не само кон ООН, ЕУ или НАТО, се пораки на луѓе кои што се спремни на компромис околу најсуштинските вредности на една држава, на еден народ, на една нација. Таа попустливост таа неспремност да кажат НЕ уште на самиот почеток, да стават точка на „преговорите” за името доведе до оваа катастрофална состојба во која денес се наоѓаме.
Фактор: Очекувате ли дека воопшто може да се реши спорот во 2018 година?
Се разбира дека не очекувам затоа што „спор” околу името не постои.. „Спорот” на Грција околу нашето историско и национално име е само завеса зад која се крие нешто многу подлабоко и пострашно, а тоа е стравот што Грција и нејзините покровители го имаат од самото антрополошко постоење на Македонци чија што историска татковина со генерации наназад била и е Македонија. Вие не можете со политички игри и махинации да решите онтолошко и антрополошки проблем. Тука „нашите” политичари и влади паднаа и сè уште незапирливо тонат во живиот песок на меѓународната политика за која немаат никакво искуство.
Фактор: Доколку се реши името, што ќе добијат, а што ќе изгубат Македонците?
Ние Македонците нема да добиеме ништо доколку се „реши” проблемот со името. Нема да добиеме ништо затоа што едноставно нема да постоиме како Македонци, ниту за светот ниту за нас самите и затоа игрите околу смешниот термин „Ерга Омнес” или „Промена “- „ Непромена” на Уставот се бесцелни и бизарно комични. Ќе добијат единствено тие кои што го посакуваат бришењето на Македонија и на нас Македонците од мапата на Европа и светот каде што постоиме од времиња во кои не постоеле токму тие што го бараат нашето самоуништување! Да се разбереме: Не постои сила, политичка, економска или пак воена што може да му го одземе неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување, тоа е универзално право запишано во Повелбата на ООН од времето на нејзиното воспоставување.
Фактор: Грците постојано обвинуваат за иредентизам. Од што се плашат нашите јужни соседи?
Грчките оптужувања дека во Македонија постои „ иридентизам” којшто преставува закана за нивната добробит за мене преставуваат проѕирна маска зад која се крие подлата намера да нè претстават нас пред светот како агресивен народ кој посега по нешто што не е негово. Во истовреме зад тој „иридентизам“ се крие и нивниот страв од вистината дека тие насилно и бесправно поседуваат повеќе од половина од геоетничка Македонија на чија што територија денес живеат два милиони етнички Македонци наполно обесправени. И во ваков случај, наместо ние да ги оптужиме нив за шовинизам и фашизам врз нашите браќа и сестри во Беломорска Македонија, ние дозволуваме тие да спроведуваат културен и антрополошки геноцид врз нашиот народ. Јас ќе ви речам дека кога го присилувате еден народ да го мени името, вие му ја убивате душата и од него правите безлична маса на биолошки примероци наречени „граѓани што не се свесни за своето постоење со свои сопствени национални белези“. Тоа ни се случува со децении и ние сме живи сведоци на феноменот на метаморфоза на Македонците во „граѓани” рамнодушни кон сè што им се наметнува. Кога еден народ ја губи свеста за својот национален идентитет, кога му се менува сфаќањето за тоа кој е и што е, тогаш тој народ го губи и своето достоинство. А народ што дозволува да му се случи тоа, не заслужува ништо повеќе од основна биолошка егзистенција. Видете, Македонија е големо име и бара голем народ да го заслужи тоа име. За Македонија ќе се борат само Македонците, а не „граѓаните” на Европа. Ако постојат Македонци, ќе постои и Македонија. Во спротивно, ќе продолжиме со чекорење во маршот на самоуништување.
Фактор: За продолжениот викенд над 10.000 Македонци заминаа во Грција, иако оваа земја не нè признава. Пасивни ли се Македонците во одбрана на името, бидејќи на протестите сепак нема некоја голема масовност?
Македонија не се брани на топлите плажи на Халкидики. Почетокот на одбраната на Македонија треба да го бараме во секој од нас, во нашиот ум, во нашиот дух, во нашето срце, во нашето лично и национално достоинство, ако го имаме...? Јас го имам и убеден сум дека го имаат и повеќето Македонки и Македонци.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




