НЛБ БАНКА ПРВА ЈА ПОСЛУША НБМ - нема дивиденди, парите одат во нераспоредена добивка и заработувачка за инвестиции
Објавено во: Финансии 26 Март, 2020
НЛБ Банка прва ја послуша препораката на Народната банка да не исплати дивиденда на своите акциоенри, од добивката што беше остварена минатата година, и со тоа да го надгради капиталот на банката.
Притоа, од добивката што ја оствари лани од 30,08 милиони евра, НЛБ Банка ќе внесе 27,19 милиони евра во нераспоредена добивка и 2,89 милиони евра како задржана заработувачка за инвестиции.
Тоа банката ќе го донесе како одлука на Собранието на акционери што ќе се одржи на 16 април, а сега се предлага да биде нова точка на дневниот ред.
Најголем акционер на НЛБ Банка, кој располага со 87 отсто од капиталот, е НЛБ Љуљана.
Образложението што го дава НЛБ Банка за ваквата одлука е следново.
„Врз основа на неочекуваната ситуација со пандемијата КОВИД-19 и врз основа на Писмото од Народната Банка на Република Северна Македонија од 20 март годинава, во кое се очекува банките во земјава да се воздржат од исплата на дивиденда од реализирана добивка за 2019, со цел да го надградат капиталот и ликвидните резерви над минимално потребниот праг, предлагаме распределба на реализираната добивка за 2019 година - прво во нераспределена добивка во износ од 1.672.270.392 денари (27,19 милиони евра) и задржана заработувачка за инвестиции во износ од 177.647.606 денари (2,89 милиони евра)“, се вели во образложението од НЛБ Банка.
На овој начин, нагласуваат од банката, остварената добивка за 2019 ќе биде на тековно располагање на Банката за ликвидносни цели, како и на располагање на Собранието на акционери за понатамошно одлучување во однос на начинот на постапување со нераспределената добивка понатака, кога Банката ќе има повеќе информации за да направи квалитетна проценка на развојот на економската и финансиската ситуација и нејзиното влијание врз капиталот на Банката и позицијата на ликвидност.
„Во однос на Јавниот повик на НЛБ Банка за свикување на седница на Годишното Собрание на акционери на 16-ти април 2020 и предложениот Дневен ред, би сакале да ве известиме дека, врз основа на Законот за трговски друштва на Република Македонија, НЛБ д.д., Љубљана, како акционер со 87 отсто од капиталот на НЛБ Банка, предлагаме дополнување на Дневниот ред за седницата со нова точка: Предлог - Одлука за употреба и распределување на остварената добивка за 2019“, известува Банката преку Берзата.Според таа одлука, нето добивката на НЛБ Банка за лани во износ од МКД 1.849.917.998 денари (30,08 милиони евра), се распределува на следниов начин: прво нераспределена добивка од 27,19 милиони евра и задржана заработувачка за инвестиции од 2,89 милиони евра.
Притоа од НЛБ Банка објаснуваат дека „добивката која е распределена во задржана заработувачка за инвестиции се употребува за цели на развој и инвестиции во материјални и нематеријални средства за проширување на примарниот бизнис и не е достапна за плаќање на дивиденда на акционерите во иднина (ограничена за дистрибуција на акционери)“.
Одлуката ќе стапи на сила на датумот на донесување.
Со оваа одлука се постигнува да се зајакне ликвидноста и капиталот на Банката, а со тоа и на целиот банкарски сектор во Република Северна Македонија, односно да не се одлеваат срдствата надвор од државата. Преку ова, НЛБ уште еднаш ја потврдува стратегијата за фокус кон регионот и регионалната припадност на Групацијата.
А Народна банка ова не може да го нареди, но може да им го препорача на банките. Очекувањата на монетарните власти се банките - добивката остварена во измината година да ја стават во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал, и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив.
„Како што им е укажано, банките треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите коишто се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот КОВИД-19 врз домаќинствата и правните лица“, објаснија од централната банка.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.