Нови вработувања за информатичари, норвешката „Небб софтвер“ со канцеларија во Скопје
Објавено во: Економија 04 Февруари, 2013
Со отварање канцеларија во Скопје и најава за вработување шест македонски инженери, норвешката компанија Небб софтвер, влегува во Македонија. Според министерот Веле Самак, оваа инвестиција е потврда дека и кај нас странските фирми можат да најдат квалитетен и стручен кадар.
„Првите средби со раководството на компанијата ги остваривме за време на нашето роуд шоу во скандинавските земји. Тогаш тоа сериозно размислуваше за Македонија, ја имаше зацртано во своите планови, но по презентациите и дискусиите што ги одржавме, доби поголема доверба и почна со инвестицијата“, рече Самак, кој додаде дека државата изминатиот период интензивно работи на зголемување на бројот на ИТ кадри, инженери за софтвер и хардвер. Инаки софтверот што го изработува Небб е врвен и специфичен, за процес на контрола во неколку индустрии поврзани со суровини како нафта, гас, хартија и е наменет за западноевропските пазари. Компанијата е дел од истоимената Групација која брои вкупно шест фирми од кои пет се во Норвешка. „Македонија не е само одлична туристичка дестинација, туку и исклучително добро место за водење бизнис. И претстои светла иднина. Покрај подготвени, добро обучени инженери, тука најдовме љубезни, пријателски настроени луѓе, гостопримство, одлична храна“, изјави за време на отварањето на скопската канцеларија, генералниот директор на Небб, Асмунд Риси.