Добивај вести на Viber
Американскиот претседател Барак Обама признава дека радикалните сунитски екстремисти од организацијата „Исламска држава на Ирак и Левант“ (ИСИЛ) кои отворија фронт против ирачката Влада, од ден во ден добиваат поголема моќ и можат да придонесат за дестабилизација и на други земји во регионот.
„Мора да бидеме претпазиливи. Во моментов проблемот е во тоа што ИСИЛ ја дестабилизира земјата. Но ова може да се прелее и кај некои други наши сојузници, како што е Јордан, на пример“, рече Обама.
Тој забележа дека во моментот постојат повеќе закани кои треба да се држат „под будно око“ од страна на САД - Боко Харам во Африка и ќелиите на Ал Каеда во Јемен се само некои од нив.
„Она што не можеме да направиме е да си мислиме дека можеме да си играме „убиј го молецот“ и да испраќаме американски трупи да окупираат различни земји секогаш кога овие организации ќе се појават некаде. Мора да имаме пофокусирана, повеќе насочена стратегија, да ги обучуваме локалните милиции и безбедносни сили за подобро да си ја извршуваат работата“, вели Обама.
Американскиот државен секретар Џон Кери денеска е во Ирак во една таква мисија, во обид да дознае на кој начин Вашингтон може да и помогне на ирачката Влада во напорите да им се спротивстави на екстремистите. Но, неговата средба со ирачкиот премиер Нури ал-Малики не се најавуваше како особено срдечна, особено затоа што еден од предлозите на САД за решавање на ирачката криза предвидува оставка на Малики и создавање на влада на национално единство во Ирак.