ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ – КЛУЧ ЗА ИНКЛУЗИЈА, НО СО СЕКОЈДНЕВЕН СТРЕС И НЕСИГУРЕН СТАТУС: Амандманите на ЛДП како чекор кон трајно решение
Објавено во: Македонија 19 Декември, 2024
Образованието е темелот на секое општество што се стреми кон
напредок, а инклузивното образование претставува неговото највисоко достигнување.
За учениците со попреченост, пристапот до образование не е само право, туку и
клуч за нивната интеграција, развој и исполнување на потенцијалот. Токму тука
на сцена стапуваат образовните асистенти, кои секојдневно ја намалуваат разликата помеѓу изолираност и
инклузија.
Со нивната посветеност, емпатија и професионални вештини, овие асистенти обезбедуваат средина во која секое дете може да се чувствува вредно, прифатено и охрабрено да учи и да се развива. Професијата на образовниот асистент бара многу повеќе од стручност во педагошките науки. Таа бара бескрајна трпеливост, разбирање за индивидуалните потреби на секое дете и способност да се создаде атмосфера на доверба. Образовните асистенти се оние кои ги подготвуваат децата за секојдневните предизвици, ги поттикнуваат да ги надминат своите стравови и ги учат како да го прифатат светот околу себе.
Но, нивната важност не застанува тука. Работата на асистентите се одразува и на целокупната училишна заедница. Со нивната помош, наставниците можат полесно да ја приспособат наставата за сите ученици, а соучениците имаат можност да се запознаат со различностите и да научат за вредностите на солидарноста и меѓусебното помагање.
Предизвици и законски решенија
Сепак, реалноста често ја засенува оваа идеална слика. Проблемите со ангажирањето на образовните асистенти, особено нивниот несигурен статус и ограничените работни договори, го загрозуваат не само нивниот професионален развој, туку и континуитетот на поддршката за децата со попреченост. Прекинот на договорите, како што се случи и оваа учебна година, предизвикува несигурност и кај децата и кај нивните семејства. Нивната приврзаност кон асистентот не е само емоционална; таа е основа за нивниот успех. Токму затоа е неопходно трајно и системско решение кое ќе ја осигура стабилноста на оваа клучна професија.
Промените во законската регулатива, како што предлага Либерално-демократската партија (ЛДП), се чекор во вистинската насока. Тие се основа за подигнување на мотивацијата кај асистентите, за подобрување на квалитетот на услугите и, што е најважно, за обезбедување на долгорочна поддршка за учениците со попреченост.
Во изјава за фактор Бобан Јанкоски од ЛДП ја нагласува токму оваа нивна иницијатива има за цел подобрување на образовниот систем во Македонија.
„Станува збор за одличен проект кој има големо значење за учениците со попреченост и нивното инклузивно образование. Средствата за платите на образовните асистенти се веќе обезбедени од државниот буџет, но за трајно решавање на проблемот со нивниот несигурен статус, ЛДП ќе предложи амандман за измени на Членот 10 од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование. Со овие измени, образовните асистенти ќе можат да се вработуваат на неопределено време во основните училишта, платите ќе продолжат да се финансираат од буџетот на Министерството. Оваа измена е од огромна важност затоа што несигурните договори на определено време често ги принудуваат асистентите да бараат други работни места. Тоа предизвикува прекини во работата и дополнителни тешкотии за децата со попреченост, кои многу тешко се адаптираат на промени и се врзуваат за асистентите со кои веќе работат. Трајното вработување би ја зголемило мотивацијата кај асистентите, би го подобрило квалитетот на услугите и би обезбедило стабилност за учениците и нивните семејства. Истовремено, ваквото решение ќе го намали и оптоварувањето на основните училишта со ресурсен центар, кои секоја година се соочуваат со потреба да објавуваат огласи и да ангажираат нови асистенти. ЛДП останува цврсто посветена на создавање квалитетно и инклузивно образование за сите ученици, без разлика на верата, националноста, етничката припадност или физичките ограничувања,“ изјави Бобан Јанкоски, член на извршниот одбор на ЛДП.
Сведоштво на асистентите
Сведоштвото на една од асистентките ни го доловува вистинското значење на нивната работа и тежината на предизвиците со кои се соочуваат.
„Проблемот со образовните асистенти е што често наидуваме на недоволна соработка со наставниците, па на тој начин не можеме секогаш да ја извршуваме работата како што треба.
Секое дете е посебна приказна. Како што има 1.300 деца со попреченост, така има 1.300 различни потреби и предизвици. Заедно треба да се навикнеме еден на друг, да изградиме доверба, и потоа да се прилагоди наставниот материјал според степенот на интелигенција и способностите на детето.
Има и деца кои се агресивни, па мора да најдеме начин да ги смириме, дури и среде час. Помалите деца, пак, имаат потреба од помош дури и за основни работи, како одење во тоалет. Сето тоа носи огромен стрес секој ден. Дополнителен проблем е што секоја година има нови конкурси. Секоја година поднесуваме документи одново, имаме прекини во работниот стаж, и тоа е демотивирачки. Многу од колегите веќе се откажаа од оваа професија токму поради ваквите услови,“ споделува В.С., образовна асистентка во едно од скопските основни училишта.
Инклузивното образование не може да функционира без квалитетни и мотивирани асистенти. Со обезбедување на подобри услови, стабилност и поддршка, овие професионалци ќе можат да го дадат својот максимум, а децата со попреченост ќе имаат шанса за светла иднина.
Анита Буховски
фото: Unsplash* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.