Од денеска плаќаме поскапа струја
Објавено во: Економија 01 Јануари, 2025
Цената на електричната енергија за домаќинствата од денеска е поскапа за 0,92 проценти, според претходно донесената одлука на Регулаторната комсиија за енергетика.
ЕВН Хоум, побара цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари да се зголеми за 4,4 проценти. Претходно РКЕ за седум проценти ја намали мрежарината, а ЕСМ понуди цена од 62 евра за мегават час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини на тендерот на универзалниот снабдувач.
На почетокот на минатиот месец РКЕ донесе одлука со која цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија од 1 јануари се зголемува за 5,68 проценти, цената за дистрибуција на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти, а цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО се зголемува за 19,8 проценти.
Влијанието на цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија врз крајната цена по која потрошувачите ги плаќаат сметките за струја е 4 проценти, цената за дистрибуција влијае 33 проценти врз крајната цена, а цената на МЕМО влијае само 0,19 проценти. Вкупно трите ставки влијаат со 38 проценти врз крајната цена за потрошувачите.
-Успеавме да ја намалиме мрежарината поради тоа што одредени компании имаа повеќе остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа ни овозможи да се доведеме во ваква поволна ситуација. Во моментов, домаќинствата ја плаќаат мрежарината по 2,3 денари, а од 1 јануари ќе изнесува 2,14 денари по киловат час потрошена електрична енергија, појасни тогаш првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
РКЕ и лани во јуни донесе одлука за минимално зголемување од 0,4 отсто на цената на струјата од 1 јули до крајот на 2024 година. При тоа цената на електрична енергија за домаќинствата во прв блок остана иста, во втор блок имаше зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок од 1,88 проценти, а цената на евтината струја се зголеми за 0,65 проценти.
Со тоа, како што тогаш појасни Бислимоски, за 88 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија се зголеми за 0,4 проценти. За 8 проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво се зголеми за 0,48 проценти, а за 4 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот се зголеми за 0,57 проценти.
-Да донесеме ваква одлука, каде што реално нема никакви промени ни овозможи тоа што на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му дадовме насока 15 проценти од количините кои што не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија што функционира во Македонија, во периодот кога цената на електричната енергија е близу до цената што ЕСМ ја понуди на тендерот од 60 евра за мегават час и дополнително измените на Законот за енергетика што поминаа во Собранието кои овозможија да се примени новата цена на маржата што сега е 9,9 проценти, а претходно беше 11,5 проценти, прецизира тогаш Бислимоски.