Добивај вести на Viber
Вработените во „Ремонт на пруги“ побараа од Владата да си го исполни ветувањето и ги врати 80-те вработени во МЖ „Инфраструктура“. Тие се загрижени дека ќе останат извисени, бидејќи сега пред избори, Владата не одобрува државни вработувања иако како што велат веќе се било договорено, обезбедени се пари и направена е систематизација.
„Ова беше готова работа. Јас не знам од каде сега не вратија да биде нешто спорно. Еве ако направија грешка, нека се исправи. Тука сме, стоиме на располагање, луѓе сме. Се доведовме во тешка ситуација“, изјави денеска Борче Ѓошевски, од Синдикатот на „Ремонт на пруги“.
Според владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, без јавен конкурс нема вработувања. Тој побара од работниците да почекаат да минат изборите.
„Поради распишувањето на изборите одредени процеси ќе бидат пролонгирани, но Владата останува на јавно искажаната политичка волја дека ќе излезе во пресрет на проблемите на вработените“, посочи Ѓорѓиев.
Од „Ремонт на пруги“ побараа писмена гаранција од Владата за решавање на нивниот статус. Во спротивно, најавија дека во понеделник излегувааат на протести.