ОД ШПОРЕТИ ДО ШИШИЊА: Што се најдоа нуркачите од Акватек на дното на Охридското Езеро?
Објавено во: Македонија 09 Август, 2019 06:57
Бојлери, шпорети, стакло, градежен шут, лименки, шишиња, пластични предмети, покуќнина, када, вреќа со плочки, кеси од чипсови, кошеви од игралишта, се најдени на дното од Охридското Езеро, велат од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид.
Отпад е најден на многу фреквентни локации, и на дивите плажи има отпадоци, но многу помалку за разлика од местата каде дневно поминуваат многу луѓе.
Од клубот Акватек објаснуваат дека туристите се загрижени за ваквата состојба и постојано им праќаат фотографии од локации каде има отпадоци. Оваа појава трае повеќе години. Од Акватек ги објавуваат фотографиите со надеж дека ќе се подигне свеста кај населението.

„Некои од туристите се загрижени и почнаа да ни праќаат фотографии од мини депонии низ крајбрежјето, почнаа дури и да се организираат за еко акции во раните утрински часови. Проблемот е во нас луѓето и во локалното население, свеста е на многу ниско ниво. Наше е да фотографираме, анализираме, и нормално да чистиме и да го чуваме езерото. Се надевам дека со нашите фотографии и еко акции ќе ја подигнеме свеста повеќе да го цениме и чуваме Охридското Езеро затоа што тоа не е само наше“, вели Никола Паскали од Акватек, кој е дипломиран археолог со специјалност подводна археологија.

Тој вели дека Охрид трпи штети и го изгуби имиџот поради ваквите состојби. Паскали додава дека локалното население ја коментира оваа негативна појава, но сепак охриѓани се тие кои фрлаат отпад во езерото. Вели дека при секое влегување во езерото чистат отпадоци затоа што им е срам од туристите кои со нив нуркаат.
„Имиџот на Охрид е веќе срушен, во Охрид дури нема традиционални охридски специјалитети, чаршијата и крајбрежјето се непрепознатливи, а еве како археолог ќе кажам дека Охрид нема уреден археолошки локалитет отворен за туристи, иако ги има во голем број“, додава Паскали.
Српски турист неодамна на социјалните мрежи се пожали дека има отпадоци на многу места и дека е срамота тој да ги собира.

„Не треба едукација туку треба казни. Редарите и комуналните инспектори да бидат постојано на терен и да казнуваат. Како што се работи во Европа, така треба и овде. Срамота е во 21 век да одат фекалии во езерото, тоа е неприфатливо, а знаеме дека луѓе од цел свет доаѓаат поради тоа езеро. Прво треба од тоа да се почне“, вели Јордана Калајџиеска, екологист.
УНЕСКО им даде рок на македонските власти до февруари следната година да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства. Ова беше одлучено на 43. сесија што се одржува во Баку, Азејберџан.
Власта до 1 февруари 2020 да поднесе до Комитетот за светско наследство нов извештај за зачувување на имотот, за испитување од Комитетот за светско наследство на 44-та сесија во 2020 година, со можност, во случај да се утврди опасност на нејзината унверзална вредност, да се вметне во листата на Светско наследство во опасност.
Сања Атанасовскафото Акватек
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




