Од што настанува пивскиот стомак?
Објавено во: Мои пари 03 Јули, 2014
Проблемот на пивопијците во цел свет е ист, но, малкумина се вознемируваат околу тоа ако се работи за мажите. Се чини дека на нив им стои овој моден додаток повеќе отколку на жените. Но, што всушност го предизвикува?
Пивото не е нужно волшебна состојка поради која се шири нашиот струк, туку зголемениот внес на калории – било кои: преку алкохол, зашеќерени и газирани сокови или прекумерни порции храна.
„Воопштено, конзумирањето алкохол е поврзано со широк струк, бидејки кога пиеме алкохол црниот дроб го согорува наместо маснотиите“, објасни ендокринологот Мајкл Јенсен, од американската Клиниката Мајо.
Исто така, многу е лесно да се испие многу пиво, а тешко е да се застане со едно. Просечно пивото содржи 150 калории, а ако во една вечер испиете неколку, последиците наскоро ќе ги забележите на својата линија.
Во целиот збир на калории не смеете да заборавите на додатоците: грицки кои ќе ги изедете, вечера на која ќе скокнете до кебапчилница или фурна во доцните вечерни часови, или сендвич кој ќе си го направите кога ќе стигнете дома и умирате од глад. Не е залудно комбинација на пица и пиво толку добар маркетиншки трик.
Ако внесеме повеќе калории отколку што можеме да потрошиме, тогаш нашето тело ќе ги складира како масти, а каде ќе се наталожат зависи од неколку фактори – возраст, пол и хормони.
Жените имаат повеќе поткожно масно ткиво од мажите, а овие масти се акумулираат на рацете, бутините, задникот и стомакот. Со оглед дека мажите имаат помалку поткожно масно ткиво, тие ги складираат на стомакот.
Пивските стомачиња се поизразени колку повеќе старееме бидејки со годините опаѓа нашата потреба за поголем внес на калории, а исто толку се намалува количината на телесна активност. Истражувањата покажале дека пушачите наталожуваат повеќе масти на делот околу стомакот во однос на оние лица кои не пушат.