17 Мај, 2024
0.0361

Општините кубурат со пари за парно и струја – каква зима ги чека децата во училиштата?

Објавено во: Економија 18 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Долга и студена зима ги чека скопските училишта. На еден месец пред стартот на грејната сезона дел од општините алармираат дека тешко ќе ги покријат трошоците за струја и парно, за кои покрај парите од блок дотациите-средства кои ги добиваат од Министерството за образование, се трошат и општински пари. Ќе има кратење од многу проекти -се жалат општинарите. Оваа година помалку пари од општинските каси на Чаир, Центар и Карпош ќе одат за култура, образование и спорт бидејќи секое училиште ќе мора приоритетно да ги подмири сметките. За другото, ако остане.
"Блок дотациите во Министерството за образование и наука ги рачунаат според историски трошоци, а во меѓувреме се покачени цените на сите енергии. Најголем проблем е централното греење во урбаните општини, бидејќи не ги рачунаат како домаќинства туку како индустриски објекти и тоа создава најголем проблем кај општините бидејќи се добиваат за три до четири пати повисоки сметки за струја. Ние работиме максимално да нема застој, да нема проблеми во наставата, но не е во ред ваквиот начин бидејќи сето тоа го покриваме со пари од буџетот на општината кои би биле наменети за други работи. Ќе има кратење кај сите други проекти бидејќи само така може да се покријат основните трошоци" -вели Изет Меџити -градоначалник на општина Чаир.
Идентичен е проблемот и во скопската општина Карпош. Ако минатата учебна година за влакно избегнаа учениците да ја следат наставата во ладни училници на минимални температури, неизвесноста останува за оваа грејна сезона. Блок- дотациите покриваат само 20 отсто од трошоците на училиштата -велат од општината.
"Тие средства во најголем дел, дури 83 отсто се насочуваат за плати на наставниот кадар, а само 17 отсто останува да се намират трошоците за парно, струја, телефон, хигиенски средства. Општината покрива скоро 80 отсто за режиските трошоци" -вели Виолета Цветковска од секторот за односи со јавност во општина Карпош.
Од лани општината бара друг модел на греење во училиштата кој треба значително да ги намали трошоците. Алтернативата се бара во греењето на нафта и гас, енергенси кои според пресметките на општинарите треба да ги намалат трошоците за дури 40 отсто. Проблемот според нив е уште поголем поради тоа што училиштата и градинките се сметаа за деловни објекти за кои сметките се двојно повисоки.
"Општина Карпош почна да го супституира парното греење во своите десет училишта, при што пет училишта: „Аврам Писевски“, „Лазо Трповски“,„Христијан Тодоровски Карпош“, „Братство“ и „Петар Поп Арсов“ се греат на нафта, додека се прават студии училиштата „Јан Амос Коменски“ и „Владо Тасевски“ да бидат првите кои ќе се греат на гас. Исто така и останатите три училишта ќе бидат пренасочени на алтернативни извори на греење, со цел да се рационализираат трошоците во оваа сфера" -вели Цветковска.
Од Министерството за образование и наука велат дека блок -дотациите за училиштата редовно се префрлаат. Критериумите за тоа кој колку пари ќе добие се различни за секоја општина.
"Висината на средствата се определува во зависност од бројот на училиштата, квадратурата и бројот на учениците. Директорите на училиштата и општинарите треба да најдат начин да ги менаџираат средствата според приоритетите. Обврска на директорите е прво да обезбедат пари за подмирување на тековните трошоци за да не се спречи тековноto одвивање на наставата, а потоа од длабочината на џебот да издвојуваат пари за не толку приоритетни проекти"- вели Давор Политов- портпарол во Министерството за образование и наука.
Буџетот според надлежните во ресорното министерство треба да се троши наменски и домаќински. Минатата година дел од училиштата во овие три скопски општини имаа милионски долгови токму за неплатени сметки. Следеа притисоци, закани и писмени опомени за исклучување. Неизвесно е за дел од нив како ќе се помине оваа грејна сезона, но според општинарите се додека температурите се високо над нулата проблемот ќе биде под тепих. Ќе размислуваат кога и официјално ќе почне грејната сезона. Очекуваат од надлежното министерство на заедничка маса да ги решаваат основните проблеми кои можат длабоко да го закочат образовниот процес во училиштата. Цената на струјата на почетокот на летото се намали за 4,48 отсто, но кон крајот на август регулаторната комисија реши таа да поевтини за само три отсто. Новата цена на струјата ќе важи во текот на една година. Минатата година овој енергенс поскапуваше два пати, а тогаш вкупно цената се зголеми за околу 20 проценти. Регулаторот лани ја укина и евтината дневна тарифа, со што сега училиштата со последната корекција, ќе ја плаќаат новата индустриска цена само по скап тарифник. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА