Добивај вести на Viber
Со цел поддршка на ликвидноста на стопанството и надминување на последиците од светската економска криза, Владата донесе одлука да се изврши отпис на долгови по однос на обврски од пензиско и од здравствно осигурување, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
-Со мерките што се предлагаат ќе им излеземе во пресрет на барањата на стотици македонски фирми кои се однесуваат на заостанати обврски по основ на пензиско и здравствено осигурување“, рече Ставрески.
Со два нови предлог закони, како што нагласи вицепремиерот, едниот за пензиско и другиот за здравствено осигурување, се овозможува на фирмите за сиот настанат долг по основ на придонеси за пензиско осигурување заклучно со 1.1.2009 година, да се отпишат каматите доколку во рок од шест месеци од денот на поднесување на баањето фирмата ја плати главницата на заостанатиот долг.
-Исто така се овозможува да се отпишат каматите за долгови по различни видови на придонеси кои настанале во периодот од почетокот на 2009 до крајот на 2012 година. Ако основниот долг за придонесите се плати во рок од шест месеци се овозможува да се изврши 100 процентно отпишување на каматата, ако долгот се отплати за период меѓу шест и 12 месеци ќе се отпише 75 проценти од каматата, а ако долгот се отплати во период од 12-18 месеци ќе се отпишат 50 проценти од каматата“, рече Ставрески, додавајќи дека третата мерка се однесува само на долгот за здравственото осигурување кој настанал до 2009 година.
-Ако фирмата во наредните три години заклучно со крајот на 2015 година, редовно ги исплаќа тековните обврски по основ на придонес за здравствено осигурување, после три години ќе и бидат отпишани сите заостанатите обврски-основниот долг и каматата“, додаде тој.
Барања за отпис на овие долгови фирмите ќе можат да поднесуваат по стапувањето во сила на законите, а во меѓувреме ќе се направат финалните пресметки за висината на нивниот долг.
Се проценува дека вредноста на каматите, како што истакна Ставрески, кај долгот по основ на пензиско осигурување изнесува 40 отсто од вкупниот долг.