Добивај вести на Viber
Лидерот на шкотските националисти Алекс Салмонд речиси целиот свој живот го посвети на денот кога Шкотска ќе стане независна. Ако денеска Шкотите изберат „ДА“, тоа ќе биде остварување на долгогодишниот сон на човекот кој веруваше и се бореше за тоа да се случи по секоја цена.
Како дете бил опседнат од локален свештеник во таа мера што дури и размислувал да се замонаши, а во основното училиште повеќепати бил казнуван заради недисциплина - меѓу другото и затоа што ги имитирал гласовите на животните.
„Постојано гракав на час, мислев дека тоа е многу смешно, но мојот наставник немаше такво мислење“, призна Салмонд во една прилика.
Во детството сакал да пее и рано сфатил дека обожава да биде на сцена и да настапува пред публика. Бил голем обожавател на мистер Спок, јунакот на „Ѕвездени патеки“ и ставал штипки на веѓите за што повеќе да личи на него.
Во времето кога се запишал на универзитетот „Сент Ендрјуз“, каде студирал економија и историја на средниот век, Салмонд ја открил љубовта кон политиката. И се приклучил на Лабуристичката партија, но во напад на бес по кавга со поранешна девојка Англичанка од револт се зачленил во Шкотската национална партија.
И таму се пронашол - наскоро на ѕидот во својата соба ја залепил Декларацијата од Арброт, документ од 1320 година, кој се смета за Шкотска декларација за независност. На универзитетот го доживеал единствениот изборен пораз во животот - кога се кандидирал за претседател на Студентскиот совет и загубил со 13 гласа. Оние кои го познаваат велат дека тој пораз уште не го преболел.
Салмонд бил важен кадар на контроверзната Група 79, левичарска фракција на Шкотската национална партија, позната по тоа што се залагала и за воена акција за отцепување. Групата прераснува во вистински шкотски отпор, организирајќи масовни политички штрајкови и граѓанска непослушност.
Се оженил со 17 години постарата од него Мојра Мекглашан, која му била претпоставена додека работел во Шкотското биро на британската влада. Немаат деца.
„Нему навистина му е потребна власт. Има натпреварувачки дух и сака моќ и искрено верува дека може да биде татко на шкотската нација“, вели професорот Патрик О’Донел, заменик-декан на Факултетот за психологија при Универзитетот во Глазгов, кој со години ја следи активноста на Салмонд.