Добивај вести на Viber
„Балкан енерџи“ планира да ги намали авансите за парното бидејќи претходните пресметки биле правени за многу пониски надворешни температури од сегашните, пишува Дневник во денешното издание на весникот.
Како што дознава весникот, пониски сметки за парно греење максимум до 5% ќе добијат околу 55.000 домаќинства, кои од годинава се приклучени на системот на „Балкан енерџи“, а јануарските фактури компанијата ќе ги испорача на почетокот од наредната недела
„Цената за топлинската енергија не се менува, а и фиксниот дел ќе биде ист, но ние планираме да го намалиме авансниот дел од сметките. Тој авансен дел се определува во зависност од процените за потребната енергија и од надворешните температури. Претходните пресметки се правени врз база на пониски температури, а ние имаме повисоки надворешни температури и затоа проценивме дека има простор за намалување. Значи, јануарските сметки ќе бидат до максимум 5 отсто пониски во авансниот дел споредено со ноемвриските сметки – велат за „Дневник“ извори од „Балкан енерџи“.
Kомпанијата ги смирува и граѓаните што почувствуваа дека наместо до 21 часот, топлинска енергија во цевките има и до 23 часот.
„Тоа нема да влијае врз висината на сметките во никој случај. Ние само правевме експеримент со цел да се акумулира топлина и да видиме како тоа ќе се одрази врз потрошувачката“ – објаснуваат од „Балкан енерџи“.