ПЕРИНСКИ ВО БЕЛГРАД: Позитивните практики од соседна Србија, се применливи и кај нас со цел подобрување на јавните услуги
Објавено во: Македонија 09 Септември, 2024
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана и во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), учествува на дводневниот тематски дијалог „Од замисла до реалност: Спроведување инвестициски проекти“ кој од денеска се одржува во Белград.
На дијалогот, се презентираат практики и методологии од различни земји со цел нивна примена и унапредување на идни инфраструктурни проекти, се разгледуваат заедничките предизвици при планирањето и спроведувањето проекти. Целта на дијалогот е и поттикнување на соработката меѓу земјите и меѓународните финансиски институции со цел искористување на ресурсите и разгледување на различните видови механизми за финансирање инфраструктурни проекти.
Во рамки на посетата на Белград, министерот Перински одржа и билатерални средби со министерката за јавна администрација и локална самоуправа, Јелена Жариќ Ковачевиќ и со градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ.
И двете средби, министерот Перински ги искористи за размена на искуства за начинот на организација на локалната самоуправа во Република Србија, за законската регулатива која ја применува северниот сосед за функционирање на единиците на локалната самоуправа, како и за начинот на нивно финансирање, процесот на децентрализација и фискалната децентрализација.
„Ме радуваат добрососедските односи и билатералната соработка која е на високо ниво, но постои расположение и услови тие да се продлабочат, пред сѐ во однос на системските реформи за функционирање на системот на локалната самоуправа и развој на општините. Споделивме и разменивме искуства за начинот на организационата поставеност и функционалност на локалната самоуправа, а разговаравме и за суштинските законски решенија кои ги применуваме во таа област“, изјави Жариќ Ковачевиќ, која истакна дека регионалната соработка е еден од приоритетите на Република Србија во насока на зачувување на стабилноста во регионот и целосна ориентација кон поинтензивна партнерска соработка во сите области. Таа изрази задоволство и од досегашната соработка меѓу двете земји, од користењето на ИПА Програмата за прекугранична соработка.
„Со министерката Жариќ Ковачевиќ разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат општините во Србија и системските решенија кои ги користат за нивно надминување. Разменивме мислења и за легислативата која ја применуваат, како и за продлабочување на соработката. Чест ми беше да ѝ презентирам како ние, како Влада, ќе помогнеме на општините за нивен развој со директната финансиска помош во висина од 250 милиони евра за реализација на инфраструктурни проекти“, истакна министерот Перински, по средбата соминистерката, Жариќ Ковачевиќ.
На средбата со првиот човек на српската метропола, Александар Шапиќ, се разговараше за системската организираност на Град Белград и седумнаесетте градски општини, поделбата на ингеренциите меѓу нив, начинот на нивното финансирање, како и за функционалноста на јавните претпријатија.
„На министерот му ги презентирав и нашите проекти со кои успеваме да го подигнеме квалитетот на живот на нашите граѓани, а го информирав и за начинот на управување со најбројната белградска општина, Нови Београд и со Град Белград, со оглед на моето повеќегодишно искуство како дел од раководењето со двете локални единици“, изјави градоначалникот Шапиќ, по средбата со Перински во Стари двор. И двајцата беа согласни дека Скопје и Белград се братски градови, уште пред нивното формално збратимување во 2012 година и токму тој факт треба да се искористи за продлабочување на соработката, ако се има во предвид и територијалната близина и пријателски настроениот народ.
„Сакав изворно да се информирам како Белград функционира без поголеми проблеми и успешно се справува со секојдневните ситуации од областа на јавниот превоз, јавната хигиена, воопшто, со сите услуги кои има обврска да ги испорачува на граѓаните. Разговаравме и за начинот на организација на комуналната полиција во Белград, ингеренциите кои таа ги има и бенефитите од нејзиното постоење“, изјави Перински, по средбата со градоначалникот Шапиќ.
Според Перински, и двете одржани средбисе од големо значење, бидејќи се запознал со позитивните практики на функционирање на локалната самоуправа во Србија и на српската престолнина и законите со кои тие се уредени, а истите ќе можат да се презентираат на планираните јавни дебати со сите засегнати страни, за законските измени од областа на локалната самоуправа во Македонија, кои ќе се адаптираат на потребите на граѓаните и за поефикасно функционирање на сите општини во земјава.
Во таа насока, Перински позитивно ги оцени и поздрави доставените измени на Законот за локална самоуправа со цел да се избегнат предвремените локални избори во општините кои останаа со в.д градоначалници.