По откажувањето на концертот на Тејлор Свифт: Главниот осомничен Беран Алији сега ги негира наводите
Објавено во: Свет 11 Август, 2024
Главниот осомничен за планирање на нападот на концертот на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт во Виена сега ги негира сите обвиненија против него, иако првично се изјасни за виновен.
Франц Руф, генерален директор за јавна безбедност во австриското Министерство за внатрешни работи, во четвртокот изјави дека 19-годишникот од Терниц целосно го признал делото по апсењето. Но, адвокатот на осомничениот Беран Алији, инаку по потекло од Гостивар, денеска објасни дека неговиот клиент во петокот инсистирал дека ниту е поддржувач на екстремистичката група Исламска држава (ИД), ниту дека планирал напад.
На прашањето дали и зошто се заколнал на верност на ИД, што ја навело полицијата да му влезе во трага, адвокатот одговорил: „Тој сакаше да биде кул, тврдеше дека тој не е терорист, туку незрел и неук“.
Кога 19-годишникот бил уапсен во средата, полицијата открила течен експлозив. Но, како што тврдеше адвокатот, поради недоволната концентрација на една од хемикалиите, тоа немало да функционира, „па тој всушност сакал да го истури растворот во тоалетот“. Кога била претресена куќата на неговите родители, во фрижидерот нашле додатоци од експлозивна направа. Запленети се и детонатори, запалки и друга опрема за производство на бомби.
19-годишникот имал и ножеви и друго оружје со сечила. „Ги нарачал на Амазон затоа што му се допаднале“, изјави неговиот адвокат.
Јавното обвинителство во Винер Нојштад го истражува 19-годишниот и неговиот две години помлад најдобар пријател за терористичко здружување и криминална организација. Следното редовно рочиште за преиспитување на притворот ќе се одржи на 23 август, пренесува АПА.