Добивај вести на Viber
Поголема заштита на правата на работниците, спречување на злоупотребите при спогодбените откази, како и намалување на бројката на непријавени работници. Ова ова го предвидуваат последните измени и дополнувања на Законот за работни односи кој денеска го усвои Собранието.
Целта на измените на Законот, според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, е да не постои бланко потпишана изјава за отказ, ситуација која што често пати се случуваше и предвреме беше потпишуван отказот.
„Работодавачите дополнително само го допишуваа датумот. Сега се предвидува само горниот, односно суштинскиот дел на текстот да биде унифициран и изработен, но долниот дел каде што се потпишува работникот и работодавачот да остане целосно празен. Тука работодавачот и работникот ќе имаат обврска комплетно своерачно да го напишат името, презимето, датумот и местото на престанок на работниот однос, појасни Ристовски.
Друга значајна измена е воведувањето мандатни казни за непријавени работници. Ќе се воведат мандатни казни доколку се затекнат до две непријавени лица. Притоа, работодавачот ќе треба да плати по 1.000 евра за секое од двете непријавени лица и обврска да ги пријави во рок од осум дена и да ги плати казните. Доколку тоа не го направи објектот каде се извршуваат работните задачи ќе биде затворен. Доколку се најдат три или повеќе непријавени работници мандатни казни ќе нема, туку објектот веднаш ќе биде затворен. Во услови кога објектот ќе биде затворен работодавачот нема да смее да отпушти ниту еден вработен, туку ќе треба да им исплаќа плати во висина од 70 проценти од последната исплатена плата.