Полицијата со месеци ја следела 10-члената криминална група во која имаше цариници и полицајци
Објавено во: Македонија 23 Декември, 2021
Полицијата цели 9 месеци ја следела 10-члената криминална група во која имаше цариници и полицајци. Апсењата се случија по две заплени на дрога и супстанци за производство на дрога во Македонија и во Косово. Првата заплена ја направиле косовските власти на 2 ноември и тоа во комбе кое од Македонија пренело 190 килограми таблети.
Втората е направена три дена подоцна кај карго аеродромот во Скопје. Полицијата во комбе кое го возел роднина на двајца од полицајците пронашла супстанци за производство на дрога. Еден од полицајците е вмешан во транспротот како чистач. По акцијата, полицијата побарала асистенција од Царина. Но, царинските службеници наместо да направат контрола на стоката, ги информирале полициските службеници дека со неа се е во ред и дека царинските давачки се уредно платени.
„Тие под изговор дека ќе ја однесат стоката на дополнителна проверка и физичка контрола на Царинскиот терминал на подрачјето на Куманово со службено царинско возило чистејќи го патот го предводеле комбето до крајната дестинација, приватен имот во домот на еден од осомничените кадешто се чувала стоката“, појасни министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Веднаш потоа полицијата извршиле претрес и во куќата и во возилото во кое имало прекурсори.
Стоката, според декларацијата и фактурата, во Македонија е внесена како „галантерија за мобилни телефони и компјутери“.