24 Април, 2024
0.0268

Рез кај приватните друштва, повеќе пари за државниот ПИОМ: ВМРО-ДПМНЕ најавува амбициозна реформа

Објавено во: Македонија 20 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Помалку пари од пензискиот придонес кој го плаќаат граѓаните за приватните фондови, повеќе да остануваат за државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). ВМРО-ДПМНЕ планира, ако победи на следните парламентарни избори, комплетно да го промени начинот на кој се делат парите меѓу државниот и приватните пензиски фондови, а тоа ќе се прави со намалување на делот од придонесите кои се издвојуваат кон друштвата од вториот задолжителен пензиски столб. 

Ова за Фактор го потврди Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, инаку поранешен министер за финансии. Славески вели дека планираат и да иницираат законски измени со кои ќе се елиминира можноста за вложувања на парите од пензиските друштва во државни хартии од вредност. Партијата во опозиција смета дека на ваков начин ќе успее да го намали минусот во државниот фонд кој секоја година се зголемува, а се покрива со пари од државниот буџет.

„Првата мерка ќе биде во насока на намалување на процентот од придонеси кој се насочува кон вториот пензиски столб. Правиме анализи за оптимално одмерување на ова намалување. Втората мерка ќе биде во насока на внесување на законски измени, елиминирање на можноста за вложувања во државни хартии од вредност и релаксирање на рестрикциите за вложувања во одредени класи на средства во ЗКФПО. Од една страна државата се задолжува со цел финансирање на ЗКФПО, а од друга страна едни од доминантните купувачи на државните обврзници се токму задолжителните пензиски фондови, на кои државата во континуитет им исплаќа камата. Овој магичен круг мора да се прекине! Ова води кон рационализација и создавање фискален простор односно редуцирање на јавниот долг и стабилизирање на состојбите во ФПИОМ“, вели Славески.

Тврди дека на ваков начин ќе се намали големината на задолжителните пензиски фондови, а од друга страна, средствата кои ќе останат во нив, со измени во законските ограничувања на дозволени вложувања ќе дадат можност да бидат насочени кон повисокоприносни инвестиции, осигурувајќи високи пензии. Според него, тоа била и клучната цел на формирањето на приватниот задолжителен пензиски столб. Моментно од средствата со кои располагаат друштвата само нешто помалку од пет отсто се вложени во инструменти на берзата.

Поранешниот министер вели дека последните мерки на владејачката партија со кои се зголеми пензискиот придонес на 18,8 проценти, директно се оштетени илјадници вработени во приватниот сектор чии договори за вработување гласат на бруто износ на паричен надомест. ВМРО ДПМНЕ планира, како што вели тој, да го врати законското услогласување на пензиите по принципот усогласување на пензиите еднаш на шест месеци, со 50 отсто раст на трошоците за живот и 50 проценти пораст на платите во земјата.

Во моментот вкупната стапка на пензискиот и инвалидскиот придонес изнесува 18,8 проценти. Од нив, 12,8 проценти се за ПИОМ, а 6 отсто за задолжителниот пензиски фонд.

Моментно три друштва управуваат со парите на осигурениците во вториот задолжителен пензиски столб – Сава пензиски фонд, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и Триглав задолжителен пензиски фонд.

Од почетокот на воведувањето на реформата, двете друштва кои функционираа на пзарот Нов пензиски фонд кој сега е Сава пензиски систем и КБ Прв  задолжителен пензиски фонд имаат номинални приноси од нешто над пет осто, додека реалниот принос е околу 3,7 проценти.

И ПЕРСОНАЛЕЦОТ И ДОБИВКАТА ЌЕ ОДАТ НАДОЛУ - ПРВО НА 9, ПА НА 8 ОТСТО

А доколку ја добие довербата од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека со законски измени ќе го врати рамниот данок, односно ќе ги укине одредбите со кои прогресивното оданочување се одложува за период од три години. 

„Нема поголема потврда за тоа дека рамниот данок е најсоодветен за Република Македонија, од потврдата што ја испорача СДСМ минатата година со лупингот со воведување на прогресивно оданочување, а потоа враќање назад. Во економската теорија се ретки ваквите ситуации на ‚природни експерименти', кога се создаваат услови за тестирање на некоја мерка, политика или реформа. Се покажа дека рамниот данок ги издржа критиките и на најлутите противници! За ова сме им благодарни, затоа што секогаш внимателно ги следиме ставовите на критичарите и во нив гледаме еден вид бесплатни совети“, вели Славески за Фактор.

Со враќањето на рамниот данок, како што објаснува членот на највисокото раководство на партијата, ќе се отстрани неизвесноста со која се соочени економските субјекти поврзана со прашањето на оданочување на личниот доход.

Дополнително, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да ги намали даночните стапки за оданочување на персоналниот доход и на добивката на 9 отсто од почетокот на 2021 година, и на 8 отсто од 2022 година. 

Намалените приходи би се компензирале со зголемена даночна дисциплина и намалена даночна евазија.

„Целта на овој предлог е двојна: Прво, глобалната економија полека но сигурно забавува и е можна рецесија. Се покажа дека воведувањето на рамниот данок во 2007 година, една година пред ударот на Глобалната финансиска и економска криза, претставуваше сериозна инјекција за македонската економија во насока на побезболно надминување на кризата која имаше сериозни последици и за нашата економија.

Второ, во изминативе неколку години бележиме значителен пораст на сивата економија и на корупцијата. Тоа го потврдуваат веќе објавени извештаи од релевантни меѓународни организации. Намалувањето на даночните стапки и извесноста дека рамниот данок е ‚тука за да остане', ќе придонесе за зголемување на финансиската дисциплина и намалување на даночната евазија, што ќе значи компензација за евентуалното намалување на прибраните средства во буџетот од овој вид даноци. Ова, ист така, ќе влијае кон поголема рамномерност во распределбата на даночниот товар кај даночните обврзници“, објаснува професорот Славески.

А.Т - Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП