Попоски: Меѓусебната поврзаност е важна за напредокот на регионот
Mинистрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан во Њујорк се сретнаа со еврокомесарот, Јоханес Хан и високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини.
Објавено во: Македонија 22 Септември, 2016
Меѓусебната поврзаност е од особена важност за напредокот на регионот, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
„Мора заеднo да ги урнеме стереотипите за Балканот. Државите од овој дел на Европа мора да бидат третирани како рамноправни партнери во европското семејство. Во повеќе кризни ситуации за ЕУ, истото се покажа во пракса“ - рече Попоски на состанокот на иницијативата „Западен Балкан 6“.
На состанокот на Јадранската повелба, министрите ја реафирмираа поддршката за полноправно членство во НАТО на сите земји од групата А5. Се зборувало и за националните активности во превенцијата и борбата против тероризмот и радикализмот, но и за потребата од континуирана регионална соработка и соработка со НАТО и ЕУ. Со оваа група, Македонија ќе претседава во 2017 година.
Од МНР информираат дека Попоски имал повеќе билатерални средби со негови колеги. Со бугарскиот колега, Даниел Митов е договорено да продолжат разговорите за завршување на Договорот за добрососедство и пријателство. Со монголскиот министер за надворешни работи, Сенд Мунк-Оргил се разговарало за иницијативи за економски олеснувања во корист на земјите без излез на море.