Поскапува вадењето нови лични карти, пасоши и возачки дозволи
Објавено во: Економија 24 Март, 2023 08:06
Изработката, односно замена на личните документи од страна на граѓаните ќе поскапи, откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи што во наредниот период треба да стапи во сила откако ќе се објави во Службен весник, дознава „Фактор“.
„Обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа и до сега. МВР постапувајќи по заклучок донесен од Влада, спроведува постапка за изменување на решението за цените на обрасци. Со решението се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога решението ќе се објави во Службен весник и ќе влезе во сила. Имено, цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари“, ни одговорија од МВР.
Многу повеќе ќе треба да се плати за обрасците за личните документи по итна постапка, кои и онака се неколкукратно поскапи.
„Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6100 денари, што е зголемување за 1600 денари. Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1230 денари, што е зголемување за 390 денари“, дополнуваат од МВР.
Како причина за поскапувањето на оваа јавна услуга за граѓаните се наведуваат зголемените трошоци во изминатиот период.
„Промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и набавка на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација итн“, стои во одговорот што го добивме од таму.
Ваквото решение е донесено на една од претходните владини седници по разгледувањето на „информацијата во врска со потребата од зголемување на продажните цени на обрасците за лични документи на граѓаните (пасош, лична карта и возачка дозвола)“.
До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои до сега тоа не го сториле, ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола но и регистарски таблички.
Александар Кузмановски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати
Миќовиќ за НИС и рафинеријата: Одлична можност фабриката во Панчево да се врати во српски раце
Милијардерите наследуваат рекордно ниво на богатство
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кој е 10 пати побогат по изборната победа на Трамп: Се работи за еден од наследниците, а еве од што се збогатува
Директорот на НИС им се обрати на вработените: Еве што се случува со продажбата на компанијата
Еден од клучните генератори на побарувачката за биткоин оваа година моментално е во големи проблеми
ДО КОГА МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ СРБИЈА? Вучиќ за ситуацијата со НИС: Сигурен сум дека Русите ќе се договорат
Планот на Нетфликс да го купи Ворнер Брос. ја фрла театарската индустрија во превирања





