Постапка против професионалниот војник кој беше дел од инцидентот на Мечкин Камен
Објавено во: Македонија 03 Август, 2018
Министерството за одбрана ќе формира Комисија за покренување постапка против професионалниот војник Мартин Богоевски, кој е препознаен на видео снимка од вчерашниот инцидент на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево.
МО го осудува учеството на Богоевски во инцидентот и укажува на фактот дека припадниците на институција како што е АРМ не треба да бидат дел од групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија.
„Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство, како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден“, стои во соопштението на МО.
Министерството за одбрана дополнително ќе ја информира јавноста за текот на постапката и за преземените мерки во врска со конкретниот случај.
Фото: Денешен.мк