ПРЕСВРТНИЦА: ШТЕДАЧИТЕ ОД ЕУРОСТАНДАРД СИ ГИ ЗЕДОА 100 ОТСТО ПАРИТЕ ШТО ИМ БЕА ЗАРОБЕНИ - досега се наплатени дури 55 милиони евра, пари ќе има и за ФОД и за фирмите
Објавено во: Финансии 20 Јуни, 2022
Штедачите си ги зедоа сите пари кои им беа заробени со ликвидацијата, дури и оние кои имаа многу поголеми влогови. И тоа не од било каде, туку од пропаднатата Еуростандард банка. Правниот систем на државава покажа дека функционира и дека граѓаните во него можат да имаат доверба.
Според информациите со кои располага Фактор, во стечајната маса на банката која беше ликвидирана во август пред две години, се собрани приливи од дури 55 милиони евра, и тоа преку наплатата на кредитите дадени од банката.
За нив многу се зборуваше дека се ненаплатливи и дека практично се изгубени пари, но по се изгледа дека нивното обезбедување и не било толку лошо, а дека клиентите кои ги зеле кредитите, на крајот сепак си ги вратиле парите.
Или практично, од вкупниот долг на Еуросдтандард банка кој изнесувал околу 100 милиони евра, во стечајната маса се наплатени 55 отсто, односно 55 милиони евра.
И, при нивната распределба на оштетените доверители, предност имаа штедачите кои се физички лица. Нашите информации говорат дека тие веќе се или ќе бидат обесштетени целосно, односно со неверојатни 100 проценти.
Со ова стечајот на Еуростандард банка може да се прогласи за успешен и завршен на задоволство на штедачите, што сепак говори дека во оваа држава системот функционира, и дека не беа оставени на цедило недолжните граѓани кои преку ноќ ги изгубија своите тешко заработени пари, кога беше објавено дека и се одзема дозволата за работа на Еуростандард банка, и дека ќе бидат обештетени само влоговите до 30.000 евра.
По штедачите физички лица, пак, ќе се намируваат Фондот за осигурување депозити, како и компаниите чии пари останаа во банката, односно правните лица. Според наши извори, од парите кои досега се собрани во стечајната маса, тие досега можат да се намират линеарно со по 35 проценти. Или практично, ФОД досега има наплатено околу 12 милиони евра.
Но, како што објаснуваат нашите соговорници, пари за земање од пропаднатата Еуростандард банка се уште има.
„Допрва треба да се продава зградата на банката, која според најновата проценка, би требало да има вредност од најмалку 10 милиони евра. Но, покрај зградата, односно имотот, треба да се наплатат и многу кредити, кои се наплатливи, што значи дека и од нив ќе се земат средства во стечајната маса“, објаснуваат нашите извори.
Сппоред нив, можно е да се земе сума и од вкупно 100 милиони евра од стечајната маса на Еуростандард банка, така што, и Фондот за осигурување на депозити, но и правните лица доверители на Еуростандард банка, има шанси да наплатат многу повеќе од 35 отсто од сумата која ја побаруваат од стечајната маса од банката.
Како што е познато, вратата за оваа победа на штедачите, која нималку не беше лесна, ја отвори Уставниот суд, кој во мај минатата година го укина членот 163 став 3 од Законот за банки, со кој Фондот за осигурување на депозити имаше предимство при наплатата од стечајната маса, или просто кажано, според него, требаше прво ФОД да си ги земе сите пари што ги дал за обесштетување на штедачите до 30 илјади евра и целосно да се наплати, а потоа, од она што ќе остане, да се обесшетуваат другите доверители, односно граѓаните и фирмите чии влогови останале заробени во банката.
Овој член предизвикуваше големо незадоволство кај штедачите и токму затоа тие го дадоа на Уставен суд, но и кога членот беше укинат, се јавија различни толкувања од различните страни за тоа како треба да се постапи. Но, мораше да се чека одлуката на стечајниот судуија, а потоа и на Апелациониот суд.
По оваа одлука на Уставниот суд, стечајниот судија го сменил редоследот на наплата, со тоа што Фондот сега нема приоритет, туку приоритет добиваат штедачите физички лица.
Односно, како што велат нашите извори, стечајниот суд донел ново решение кое е многу праведно, и кон штедачите, но и кон ФОД, бидејќи тој останува доверител, но не според Законот за банки, туку по суброгација, односно според Законот за облигациони односи.
Оваа одлука на стечајниот судија ја потврдил и Апелациониот суд, некаде на крајот на мај оваа година. Тоа значи дека решението на стечајниот судија е конечно и веќе нема шанси да се измени.
А, оваа одлука се црпела од фактот што штедачите физички лица се осигурени на целиот износ на влогот, односно банките за нив плаќаат премија во Фондот на целиот износ на влогот, и тоа 0,25 отсто. Значи, објаснуваат нашите соговорници, премијата се плаќа не само на 30 илјади евра од влогот, туку на целиот депозит, па дури и тој да изнесува еден милион евра. Додека, пак, бидејќи правните лица не беа осигурани, затоа тие влегуваат во редот за наплата заедно со Фондот.
Така што, како што информираат нашите извори, откако се изјаснија сите судски инстанци, некаде пред две недели почнала исплатата на штедачите физички лица од стечајната маса. Сите тие парите ќе си ги земат 100 отсто. Кај некои веќе се исплатени средствата, кај некои се уште тече исплатата, но битно е дека пари за нив има и целосно ќе бидат намирени, вели нашиот извор.
Ова може да се смета и како целосна пресвртница од она што досега јавноста го знаеше во случајот Еуростандард банка.
Всушност, како што нагласуваат нашите соговорници, ова е еден навистина позитивен стечај. „Ова е ретко во историјата на земјава вака успешно да завши еден стечај. Ова е позитивен стечај, кој е решен на задоволство на сите страни, особено на штедачите кои многу пропатија во изминатиот период“, велат нашите извори.
Објаснуваат дека за целиот овој добро завршен стечај, треба да им се даде признание и на Уставниот суд, на Основниот и на Апелациониот суд, практично на целиот праводусен систем во државата, кои биле на страната на правдата и ја вратиле довербата кај граѓаните.
„Ова покажа дека кај нас сепак има правен систем кој дејствува во интерес на граѓаните“, објаснуваат соговорниците.
А, заслуга, велат, има и поранешниот стечаен управник Душко Тодевски, кој успеал да наплати најголем дел од парите во стечајната маса.
Инаку, како што веќе пишуваше Фактор, Тодевски побара од стечајниот судија да ја одобри исплатата на неговата награда на износ од над 153 илјади евра - за завршената работа, кои заедно со сумата од 5.000 евра која му била исплатена авансно, ќе ја заокружат наградата на вкупно нешто над 158 илјади евра.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.