Претставени предлози за намалување на корупцијата во тендерите на јавните претпријатија
Објавено во: Економија 17 Март, 2021 15:55
Центарот за граѓански комуникации организираше работилница на која беа претставени предлозите за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување од страна на претпријатијата основани од Владата и општините.
На настанот присуствуваа 60 претставници од сите засегнати страни, а во воведните обраќања говореа амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, како и претставниците на Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ и Герман Филков.
Предлозите за намалување на корупцијата во јавните набавки се поделени во четири сегменти и тоа: за зајакнување на интегритетот во јавните набавки, за подобрување на процесот на спроведување на јавните набавки, за зголемување на транспарентноста на јавните набавки и за идентификување и санкционирање на корупцијата во јавните набавки.
“Чисти јавни набавки во значителна мера влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, но исто така и врз економскиот развој на земјата. Затоа ефективен систем на јавни набавки е составен дел од патоказот на Северна Македонија кон Европската Унија. Оттука, не треба да изненадува тоа што оваа област е во првиот кластер „фундаменти“ согласно новата методологија за пристапување кон ЕУ“, истакна амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп.
Според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска „субјективниот, односно човечкиот фактор е пресуден за правилно или неправилно спроведување на Законот за јавните набавки и за барање пропусти во законот или за принципиелно и транспарентно спроведување на набавките, што ги намалува и ризиците од корупција.“
Директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, истакна дека „во контекст за намалување на ризиците од корупција и зголемување на интегритетот во процесот на јавни набавки Бирото останува отворено за натамошна соработка со засегнатите страни во борбата против корупција. Особено внимание ќе посветиме на зајакнување на меѓуинституционалната соработка со главните чинители во борбата против корупцијата, особено Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, како и Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Препораките се изработени во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Амбасадата на Kралството Холандија во Скопје.
Можеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




