Добивај вести на Viber
Зголемен е интересот од страна на граѓаните и на градежните компании за изградба на куќи и типски населби, но што ќе се направи за да се поттикне купувањето станови?
Според министерот за финансии Зоран Ставрески, покрај зголемувањето на субвенционирањето од страна на Владата од 50 на 75 проценти во ратата за првите пет години, се овозможува по толку многу години да се реновираат или да се урнат бараките во коишто живеат голем дел од граѓаните во Скопје како што се Карпош, Влае и слично и на нивно место да се изгради куќа. Владата ги подобри условите за проектот „Купи куќа, купи стан“, зголемувајќи ги субвеницијата од 50 на 75 проценти за изградба на нова куќа. Субвенцијата со новите измени ќе достигне и до 15 илјади евра, а целта е дополнително да се стимулира продажбата на куќи.
- Ова побудува голем интерес и во изминативе денови веќе имаме повици, мејлови и слично. Верувам дека на граѓаните ќе им излеземе во пресрет преку овој проект, рече Ставрески.
Измената, пак, направена на барање на граѓаните – да не се враќаат средствата што ги субвенционираме по 10-тата година ако граѓанинот предвреме реши да го врати кредитот, исто така го направи поатрактивен овој проект. Но, претходно, градежницитете побараа промена на дел од условите, за да се поттикне купувањето станови.
Што бараа градежниците?
Дел од градежните компании во неколку наврати потенцираа дека цената на становите е клучната причина за слабата реализација на проектот, оти како што велат, во Скопје се уште е тешко да се најде стан со цена од 900 евра по метар квадратен, а високите цени на градежните материјали се уште не дозволувале поголемо поевтинување на становите.
„Најдобра варијанта е со јавно приватно партнерство да се градат станови кои ќе се продаваат со пониска цена и ќе се вклопуваат во проектот, кој налага, да се субвенционираат само станови со цена до 900 евра за метар квадратен“, побараа градежниците.
Инаку, Законот се уште дозволува по три години банките да ги зголемат каматните стапки и до 10%, што како момент е спорен за многу од граѓаните заинтересирани за купување стан. Во првите три години, и кај двата модели каматната стапка е повластена, 4,99 проценти за моделот половина рата и 5,5% за моделот половина учество.
Затоа, предлог на дел од градежните компании беше и државата да се јави како жирант за банкарските кредити при што, во услови да не се исплаќа кредитот, државата да го задржи станот и да го пренамени за социјално ранливите категории, наместо да гради нови такви станови.
Според претставникот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, сега ќе се намали притисокот во однос на банкарската гаранција бидејќи Владата презема 75 проценти од ратата во првите пет години од исплатата на кредитот и на тој начин се создаваат подобри услови.