„ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ЌЕ ДОБИЕ НАД 300 ИЛЈАДИ ЕВРА КАКО ДИВИДЕНДА ОД ОКТА - Собранието „пресече“, еве колку ќе инкасира главниот акционер
Објавено во: Економија 31 Мај, 2023
Собранието на акционери на Скопската рафинерија ОКТА дефинитивно пресече - ќе има исплата на дивиденда на вкупна сума од три милиони евра.
Но, за овој предлог на „Пуцко петрол“ требаше вчера да се изјасни и Собранието на акционери, што и се случи, така што исплатата на оваа значајна сума на дивиденда и дефинитивно ќе биде реалност.
„Се одобрува исплата на дивиденда од кумулативна акумулирана добивка од претходните години, во вкупен бруто износ од 184.506.480 денари или приближно три милиони евра, односно дивиденда во бруто износ од 218 денари по акција, согласно условите предвидени во одлуката за утврдување на дивиденден календар. Акционерите на ОКТА ќе бидат известени за исплатата на дивидендата преку објава на интернет страниците на ОКТА и на Македонската берза“, се вели во објавата од компанијата испратена до Македонската берза.
Ова значи дека солиден износ на дивиденда ќе добие доминантниот акционер на скопската рафинерија, а тоа е грчката компанија ЕЛ.П.ЕТ. Балканике петролеум, која поседува најголем и управувачки пакет од 81,51 отсто од акциите, како и „Пуцко петрол“ од Пласница, компанија трговец со нафтени деривати, која располага со 10,87 отсто од обичните акции на ОКТА.
Или, според пресметките, „Пуцко петрол“ би требало да добие дивиденда во бруто износ од 326 илјади евра за своите акции во ОКТА.
Додека, пак, доминантниот акционер, ЕЛ.П.ЕТ. Балканике Петролеум, ќе добие на свое конто 2,45 милиони евра како дивиденда од скопската рафинерија ОКТА.
Покрај акциите со кои располагаат ЕЛ.П.ЕТ Балканике и „Пуцко петрол“, во компанијата акционери се и 1.279 домашни физички лица, кои поседуваат 6,97 отсто од акциите, како и 20 странски физички лица, кои располагаат со 837 акции.
Од компанијата информираат дека дивидендата ќе биде исплатена на трансакциските сметки на акционерите. Последен ден на дргување со право на дивиденда е 21 јуни годинава, а прв ден на тргување без право на дивиденда е 22 јуни. Датумот на кој се определува листата на акционери со право на дивиденда ќе се утврди врз основа на акционерската книга на 23 јуни годинава, до 16 часот.
Исплатата на дивиденда ќе се изврши започнувајќи од 26 јули годинава, а не подоцна од 30 септември, исто така оваа година.
Инаку, во образложението од „Пуцко петрол“, кој ја предложи исплатата на оваа дивиденда, беше потенцирано дека компанијата оваа дивиденда може да си ја дозволи, бидејќи од претходните години има доволно акумулирана добивка, или прецизно дури 33,6 милиони евра, и тоа е сума без да се смета добивката од претходната 2022 година. Така што, сметаат од Пуцко, во оваа сума има доволно средства за да се подели дивиденда од три милиони евра.
Инаку, за минатата година, ОКТА оствари добивка од девет милиони евра, но одлучи да ја реинвестира во производство на електрична енергија. Имено, со сумата од добивката, ОКТА ќе гради фолема фотонапонска централа од 12 мегавати.За овој бизнис потег ќе бидат искористени сопствените ресурси.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.