Рашковски: Договорот со „Леонардо“ го потпиша Живко Поповски
Објавено во: Македонија 02 Јули, 2019
Драги Рашковски денеска објави дека утре ќе поднесе кривична пријава против т.н. „свиркач“ од Македонска навигација, Климент Чепуњовски, и го потсети дека му се заканува затворска казна, бидејќи договорот со италијански „Леонардо“ за АТМ систем е потпишан во согласност од Живко Поповски, тогашниот претседател на УО на М-НАВ, инаку татко на министерот за надворешни работи Никола Поповски. Најави и пријави за Ваљон Беља, Ирена Радовановиќ, Миленко Неделковски и Љупчо Златев, новинарите кои ја пренесоа веста со објавениот разговор и транскрипт, според кој опозицијата тврдеше дека Рашковски влијаел „Леонардо“ да го добие тендерот иако нудел повисока цена.
Тоа што присуствувал за време на договарањето на фамозниот тендер го оправдуваше со документи дека бил задолжен од страна на Владата и дека немал намера да влијае на тендерот туку да се барало можност да се плати поевтина варијанта.
„Со заклучот на Влада ме задолжија да направиме вештачење дали административната зграда, која требаше да се гради како дел од тендерот, е со вредност од 1,8 милион евра или има некаква злоупотреба. Доколку тоа го утврдеше Бирото за судски вештачења, сакавме да се побара издвојување на таа компонента и М-НАВ да ја прави со свои пари за да се заштети од парите на граѓаните. Од кога стигна таквото вештачење се виде дека вредноста е приближно 1,8 милион евра и не направивме ретендерирање за да не одолговлекуваме“, рече Рашковски.
Додаде дека во верзијата на аудио-разговорот има тотално елементарно непознавање на процедурите на Европската банка за обнова и развој и дека на 28 ноември 2018 кога требало да биде постигнат договорот со „Леонардо“, Климент Чепуњовски не сакал да го потпише договорот.
„Потпишан е на 14 декември од страна на Живко Поповски, претседателот на Управниот одбор. Тој ја донесе одлуката. Значи минатата власт од нивен член, а не од Драги Рашковски“, вели владиниот генерален секретар.
Што се однесува на тоа дали имал ингеренции да присуствува на иста маса кога се договарала јавната набавка, Рашковски тврди дека имал такво право како задолжен од Владата, а покрај него, присутни биле и претставник на Министерството за транспорт и врски, претседателот на бордот на директори М-НАВ, уште еден член на бордот, „снимателот“ Чепуњовски и тројца претставници за компанијата „Леонардо“.
„За моето присуство на ваков состанок, жално е да не се знаат ингеренциите на генералниот секретар. Многу желно да не се знае кога некој ќе добие задолженија од Влада. Многу е жално што после 11 години слушнавме со што се занимавал нивниот генерален секретар (Кирил Божиновски). Тој се занимавал со други документчиња, а не со владини активности. Пет и пол години имаа непотрошени пари од ЕБОР. Треба да се испита зошто е тоа така. М-НАВ изборот го направил во јуни 2017 и избран е „Леонардо“. Од ЕБОР на 31 јули 2017 кој е давател на заемот е испратено писмо дека се е во ред и дека треба да се пристапи кон договор со „Леонардо“. Сите пречки се отстранети, но писмото М-НАВ не го испраќа. Новата власт затекна четири години доцнење на оваа набавка“, рече владиниот функционер.