РЕФЕРЕНДУМ: Eден милион од одбрана, колку пари за референдумот ќе дадат другите ресори?
Објавено во: Економија 19 Август, 2018
Eден милион за референдумот ќе издвои министерството под капа на Радмила Шекеринска додека другите ресори ќе се изјаснат овие денови.
Во средата, кога ќе се одржи владината седница ќе биде познато колку пари ќе се одделат за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера на Отворениот ден на АРМ за граѓаните рече дека МО ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум.
- Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.
Владиниот портпарол Муамет Хоџа во средата изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Кампањата, посочи тој, ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Додаде дека Владата, во текот на целиот процес ќе го почитува принципот на отчетност и транспарентност.