01 Декември, 2024
0.0264

Реквием за еден народ чиј мир нема цена! Им пресуди ли „Хамас“ на Палестинците гасејќи го огнот со бензин?

Објавено во: Анализа 09 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Егзодусот на Палестинците е голема опасност и срам за целиот цивилизиран свет. Дали случувањата со џамијата „Ал Акса“ во Источен Ерусалим ќе ја отворат пандорината кутија и ќе го однесат Блискиот исток на патот од кој нема враќање. Дали тоа што не им успеа на „Господарите на војната„ во Украина ќе им запали на Блискиот Исток?

Светот е вџашен и сериозно исплашен од тоа што последниве три дена се случува во Израел, а е предизвикано од ракетните напади на терористите од „Хамас“.

Зошто ерусалимската џамија „Ал Акса“ секогаш е катализатор на крвави воени судири меѓу „Хамас“ и израелската војска ?

Директна причина за последниот најстрашен и најкрвав ракетен напад на „Хамас“ (испалени 500 ракети) врз цивилни цели во Израел лежи во провокации поврзани со џамијата „Ал Акса“ во Источен Ерусалим. Неколку дена пред нападите кои се случија на голем еврејски верски празник (во саботата, завчера), оваа џамија била под целосна блокада од еврејски ултра ортодоксни верски фанатици кои тврдат дека на тоа место џамија не смее да постои и дека таму треба да се изгради третиот храм на Соломон. Тој наратив одлично им легна на самоубијците-милитанти од „Хамас“ да тргнат во крвав пир на невино, ненаоружано цивилно население во Израел. Исходот не се знае уште, но многумина веќе прогнозираат дека овој пат израелската армија ќе ја срамни со земја Газа (седиштето на милитантите) заедно со нејзините 3 милиони жители.

Овој верски објект има исклучително верско значење и е најсветото место за Палестинците, а е на рамниште во џамиите во Мека и Медина за целиот арапски и муслимански свет. Џамијата е стара 1.400 години затоа што според муслиманската религија пророкот Мухамед од таму тргнал кон Алаџ и се вратил на тоа место со светата Објава. Во знак на признание на тој чин и на тоа место таму е подигната оваа џамија.

Заради тоа Палестинците инсистираат источен Ерусалим да биде прогласен за главен град на нивната држава Палестина која и покрај договорите од Осло од 1992 и 1995 година, не постои во реалноста до денешен ден.

Од друга страна пак ортодоксните Евреи тврдат дека тоа е сквернавење на нивното најсвето место на кое пред 3.000 години стоел храмот на Соломон. Според нивното верување токму на таа локација мора да се изгради нов храм и неговата изградба ќе го означи доаѓањето на Месија (Спасителот на светот).

ММЕ кој прв почна? Како настанала модерната држава Израел на палестинска територија?

Историски гледано, најдолгата војна на Блискиот исток почнува по завршувањето на првата светска војна. Поточно по распадот на големото Османлиска империја. Токму тогаш Франција и Британија како тогашни светски супер воени сили се договораат Палестина (како османлиска провинција) да припадне на Велика Британија. На пописот во 1922 година во Палестината соодност Арапи во однос на Евреи бил 7:1. Таа новост ширум еврејската заедница раселена по целиот западен свет и царска Русија е пречекана со големо воодушевување. Има спорадични конфликти меѓу двете верски заединици. На следниот попис за десетина години соодносот на Арапи и Евреи во Палестина е 4:1. Според достапни податоци бројот на Евреи во Палестина од 100.000 (во 1921 година) до крајот на Втора светска војна (1945 година) се зголемува на повеќе од 600.000 жители. Тогаш во Палестина живеат два Муслимани на еден Евреин.

Како Евреите и Арапите стануваат најголеми душмани и што се случило на 27 ноември 1947 година?

Фамозната резолуција на Обединетите нации (ООН) од 27.11.1947 година ја создава најголемата несреќа и најкрвавата војна која со различен интензитет трае 76 години! Со таа резолуција ООН предлагаат поделба на Палестина на две држави од кои едната е со доминантно еврејско население, а другата со доминантно арапско население. Светиот град Ерусалим добива засебен статус и требало да биде неутрална зона под водство на ООН. Арапите го одбиле планот на ООН, а Евреите го прифатиле и на 14 јуни 1948 година ја основале државата Израел. Прогласувањето на нож го дочекале соседните Египет, Ирак, Сирија, Јордан и Либан, кои веднаш му објавиле војна на Израел. Но ја губат војната и во воените дејствија Израел завзема 80 отсто од територијата на старата Палестина. За Палестинците не останало ништо затоа што Египет го зазел појасот Газа, а Јордан ги запоседнал Западниот брег и Источен Ерусалим. Околу 700.000 Палестинци пребегнуваат во Газа, Западниот брег, Јордан и во Либан. Меѓу двата народи кои живееле еден до друг се создава бездна.

Следната голема воена ескалација настанува во јули 1967 година. Израел за само шест дена ги поразува Египет, Јордан и Сирија. При тоа од Египет го анектира Синајскиот полустров и појасот Газа, од Сирија ја зема Голанската висорамнина, а од Јордан го зема Источен Ерусалем и Западниот брег. Ова значи егзодус за 1,5 милиони Палестинци. Со ова, целата територија на некогашна Палестина влегува во состав на еврејската држава Израел. Државата Израел по дологодишни преговори во ООН во 1985 година го враќа Синај на Египет, а во 2005 година се повлекува од појасот Газа од каде пред два дена на цели во Израел беа испалени 5000 ракети. 

Во меѓувреме низ годините се случуваат страшни насилства и разорувачки воени дејствија како што се Јомкипурската војна (1973 година) во која коалицијата арапски држави го напаѓа Израел, трае дваесетина дена и Израел повторно победува. Потоа израелската инвазија на Либан, колежот на христијанските фаланги врз недолжно палестинско население во либанските бегалски кампови Сабра и Шатила во 1982 година каде логистиката ја дава израелската војска, а тоа мирољубивиот свет и сите арапски држави никогаш нема да им го заборават. Пет години подоцна се случи првата палестинска Интифада (востание на Палестинците од окупираните територии Газа и во Западниот брег). Сето ова трае до 1993 година кога во Осло е склучен мировен договор меѓу Јасер Арафат како претставник на Палестинците и Јицак Рабин новиот премиер на Израел и предводник на левата коалиција. За овој договор двајцата лидери добиле Нобеловата награда за мир, но мирот никогаш не дојде меѓу Палестинците и Израелците. Договорот предвидувал повлекување на израелската војска од Газа, Јерихон и Западниот брег и признавање на власта на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) на Арафат, а за сметка на тоа ПЛО да го признае постоењето на државата Израел. Два месеци по вториот договор од Осло во 1995 година еврејскиот десничарски фундаменталист Јигал Амир во атентат го убива израелскиот премиер Јуцак Рабин.

Последниот обид за закопување на воените секири се прави во 1999 година кога премиер на Израел е левичарот Ехуд Барак. Тогаш Арафат, веројатно под силен притисок на милитантните палестински крила, се повлекува од договорот во кој Израел нудел 90 отсто од територијата на Газа и на Западниот брег на кој ќе се формира палестинска државата која Израел ќе ја признае.

Мирното решавање на повеќедеценискиот спор станува минато свршено време со појавата на злогласната палестинска милитантна организација Хамас. Тие ја преземаат власта во Газа, ги декласираат умерените Палестинци од партијата Фатах наследниците на Арафат. Фатах е арапски естаблишмент на Западниот брег кој има одредена автономија и кој низ годините држи статус кво, но одбива да одржи избори и повеќе од 15 години е предводен од Махмут Абас. Немаат голема поддршка во палестинското население, а Хамас ги третира за изроди и предавници на палестинскиот народ.

Хамас е убедливо најрадикалната милитанта палестинска организација. Постои консензус дека тоа е озлогласена терористичка организација многу сурова во своето дејствување, која сепак има голема поддршка во Газа – најизолираната територија во светот (365 квадратни километри површина со три милиони жители). Стои зад многу напади врз цели во Израел, но и на Западниот брег. Специјалисти се за напади со бомаши самоубијци. За нив бројни независни извори наведуваат дека убиле повеќе Палестинци свои сонародници отколку што тоа го сториле израелската војска, полиција и тајните служби „Мосад“ и „Бет Шин“.

Хамас има уникатни и особени тактики на борба, а е во коалиција со паравоена забранета организација Исламски џихад и, што е најважно, има отворена и голема поддршка од либански „Хезболах“ – најозлогласена паравоена формација во арапскиот свет.

„Хезболах“ е составен од деца бегалци кои својот живот го минале во егзодус во палестинските бегалски кампови во Либан. Ова е единствената арапска паравоена формација која во 75 години војување успеала да ја победи израелската војска!

Ниту една разузнавачка воена служба на високоразвиените воени држави нема прецизни податоци за бројот, составот, структурата, логистиката и родовите на озлогласената воена организација „Хезболах“.

Свежи се сеќавањата на дебаклот на израелската војска (која важи за една од најсофистицираните и најдоброорганизирани пет армии во светот) пред две години на територијата на Либан кога се обиде да изврши експанзија врз позициите на „Хезболах“. Многумина аналитичари се едногласни само во една работа – најголемата финансиска, техничко-тактична и логистичка помош „Хезболах“ ја добива од Иран.

Р.Ф.

Фото: ЕПА

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.