Добивај вести на Viber
Неправилности во постапките за јавни набавки, отсуство на пресметка за вредноста и роковите за реконструкција на фасадите и изградба на објектите во централното градско подрачје, незаконска исплата на надоместоци на советници- ова се дел од неправилностите што ги констатирал Државниот завод за ревизија на Град Скопје за периодот во 2014 година.
Во извештајот насловен како „Град Скопје- Наменска сметка-култура“ овластениот ревизор констатирал дека Програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје на Скопје, не содржи пресметковна вредност на објектите и рокови за нивната реализација. Ревизорот посочува дека во Програмата се само утврдени изворите на финансирање односно дека средствата ќе се обезбедат 50 проценти од Буџетот на Град Скопје и 50 проценти од средствата од капитални трансфери од Буџетот на Република Македонија.
„Во делот на финансирање на Програмата не е утврдена пресметковната вредност за изградба, доградба и реконструкција на објектите, односно не е планирано колку средства се потребни за финансирање на истата. Програмата е променета во мај 2013 година и во јануари 2014 година. Ниту со основната Програма, ниту со измените не се утврдени вкупните средства за извршувае на истата како и динамиката на реализацијата, но само се направени измени во видот и бројот на објектите кои ќе бидат предмет на реализација“, се наведува во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор.
При тоа се посочува дека во периодот од 2012 до 2014 година на наменската сметка-култура (789) на Град Скопје се уплатени 7,3 милиони евра од Буџетот н РМ, со намена за фасади и објекти во централното градско подрачје и за реконструкција и изградба на плоштади. Но од овие средства заклучно со 2014 година се потрошени само 318 илајди евра за наведените работи, и на 31.12.2014 година останало салдо на непотрошени средства во износ од 6,9 милиони евра.
„Донесувањето на Програма без утврдување на финансиските средства потребни за реализација на истата и без утврдени рокови и динамика на реализација, создава можност за нетранспарентно трошење на средствата. Надлежните служби да превземат мерки и активности за утврдување на пресметковната вредност за реконструкција и доградба на објекти утврдени со Прогрмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје и да утврдат рокови и динамика на истите“, наведуваат ревизорите.
Во април годинава Градот Скопје испратил забелешки по Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор. По однос на забелешките, ревизорите наведуваат дека истите се разгледани и е оценето дека тие претставуваат известување за превземените мерки со цел надминување на состојбите што се соодветно обелоденети во Конечниот извештај. Градските власти исто така во зебелешките навеле дека ќе склучат договор со Министерството за култура за дефинирање на меѓусебните односи при реализацијата на оваа програма.
Инаку со Програмата за реконструкција и доградба на објекти, досега се променија фасадите на десеттин објекти на улиците „Македонија“, „Димитрије Чуповски“ и „Никола Вапцаров“, а уште толку дополнително треба да се сменат и да бидат во ново руво во склоп на „Скопје 2014“.
Т.С.