РЕЗЕРВИРААТ СМЕСТУВАЊЕ, А ПОТОА НЕ ДОАЃААТ: Издавачите во туристичките центри затоа бараат капар
Објавено во: Македонија 22 Јануари, 2024
Се јавуваат, резервираат сместување и потоа не доаѓаат. Ова повремено се случува во туристичките центри во државата, поради што луѓето кои поседуваат сместувачки капацитети си бараат капар.
Велат, капарот е гаранција дека гостите ќе дојдат, а во случај да не се појават, издавачот веќе добил одредена компензација. Издавачите на вили и апартмани објаснуваат дека капар најчесто бараат за време на празниците кога има голема гужва. Таков е случајот и со месец јануари, кога се празнуваат Нова година, Божиќ, Водици.
„Обично бараме третина од износот, а има и луѓе кои откако ќе слушнат дека бараме капар, си ја плаќаат целата сума. Во годината може да се случи неколку луѓе да извисат, да се јават за сместување, а потоа да не дојдат, со изговор дека детето имало температура, дека не добиле ден од работа и слично, а ние истиот ден не можеме да најдеме други гости со кои ќе го пополниме тоа место. Ова најчесто се случува со домашните туристи, многу поретко со странците“, вели Мери Чавкароска од Крушево.
Охриѓанка објаснува дека веќе долго време од туристите бараат да уплатат дел од износот пред да дојдат.
„Така работат и другите. Обично бараме 30 отсто да платат однапред. Тоа е една сигурност за нас, но и за нив. Немало некои поплаки, луѓето плаќаат ако се сериозни во намерата да дојдат во градот. Работиме најчесто со домашни туристи“, додава охриѓанка.
Истото се практикува и во другите туристички места.
„Обично за Нова година, Д фестивал и 2 Август бараме капар, затоа што тој ден ако не ти дојдат гостите, не можеш да најдеш други. За обични денови во сезоната не бараме капар. Инаку, се случувало поради дефект на возило, болест или некоја друга непредвидена ситуација, туристите да не дојдат. Или ако во последен момент најдат поевтино сместување за 100 денари, одат на друго место, но во такви ситуации треба да откажат“, вели Тони Изов од Дојран.
Ристо Настоски од Струга објаснува дека во одредени периоди од годината зема капар.
„Тоа е обично во шпицот на сезоната, пред празници, околу празници, затоа што ако некој резервирал за 6-7 дена и еден ден пред доаѓањето, откажува, настанува проблем, не може да се најдат други луѓе. Капарот е 10 отсто, само колку да бидам сигурен дека луѓето ќе дојдат“, рече Настоски.
Гостиварчанка скоро имала негативно искуство и вели дека е коректно газдите да си бараат капар.
„Јас оставам на доверба, сепак сме луѓе, но минатиот пат, отидов во Маврово, исчистив, средив, да биде топло, а луѓето не дојдоа“, додава таа.
Месец јануари е период кога е тешко да се најде сместување во зимските центри. Луѓето сакаат да уживаат на планина. Граѓаните за продолжените викенди патуваат надвор од местото на живеење.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/mrsiraphol
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.