Рождеството на Пресвета Богородица одбележано низ Македонија
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2016
Повеќе манастири низ Македонија кои го носат името на Мајка Богородица со собири го прославија денешниот верски празник. Една од најголемите прослави се одржа во пелагониското село Новаци во истоимениот манастирски комплекс каде присуствува и многу земјоделци, па се присетија и на ланските поплави.
- Манастирот беше во вода околу два метра висина, кога сите плачевме оти толку време да се гради и за секунда да биде однесено. Кога отворивме внатре, имаше само дваесеттина сантиметри вода, а владиката Петар вели дека мајка Марија се одбрани од она што го донесе стихијата- рече Вељо Тантаров, претседател на манастирскиот одбор.
Поглаварот на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан чиноначалствуваше со светата литургија во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ каде исто се собраа многу верници од струшкиот регион. На верниците на денешниот празник им порача да имаат повеќе рожби со цел да ја збогатат црквата со нови членови.
Претседателот Иванов кој присуствуваше на празнувањето порача: На сите православни христијани сакам да им го честитам големиот празник Рождество на Пресвета Богородица. Ова е празник и за славење и за радување. Празник кога го славиме семејството, празник кога ги славиме рожбите. Затоа ова е ден кога треба да се потсетиме на обврските кон семејството, обврските кон децата, да се грижиме за нив и да даде Господ да имаме што повеќе рожби, изјави Иванов.