Добивај вести на Viber
Иако американскиот претседател Барак Обама тврди дека нема намера во Ирак да ги врати американските копнени трупи за борба против Исламската држава, сепак неговото Министерство за одбрана смета дека тоа е многу веројатно сценарио.
Пентагон најавува чекори за кои врховниот командант со недели тврди дека не доаѓаат предвид - САД против исламските екстремисти можеби ќе мора да испрати и копнени трупи, со што недвосмислено би се потврдило враќањето на американската војска во Ирак и што би можело да значи уште една долга и скапа американска мисија во оваа земја.
Пред само една недела Обама и објави војна на Исламската држава, нагласувајќи дека станува збор само за интервенција од воздух. Но, шефот на здружената команда на американската армија, генерал Мартин Демпси, веќе најавува дека американските трупи можеби ќе мораат да се борат и на копно. Ова од една страна се сфаќа и како отворено спротивставување на Пентагон кон Обама, но од друга - како начин на американските власти постепено да ја подготват јавноста за уште една војна во Ирак.
Белата куќа веќе испрати официјално соопштение во кое се вели дека нема промена во стратегијата на Обама и дека генералот Демпси зборувал за „хипотетичко сценарио“.
Во своето излагање во Сенатот, меѓутоа Демпси нагласил дека од претседателот Обама веќе барал дозвола за дел од 1.600-те американски војници кои беа повлечени од Ирак да им се приклучат на ирачката војска и курдските милиции во борбата против џихадистите. Обама тоа досега го одбиваше со образложение дека „најновата воена интервенција не е уште една војна во Ирак“ и дека нема намера таму да праќа илјадници војници.
Американските медиуми пишуваат дека постои начин Обама да ги исполни двете ветувања - американски војници да не се борат на копно во Ирак, а САД да им помогнат на ирачката војска и курдските милиции да ги победат сунитските бунтовници од радикалната Исламска држава. Ова може да се постигне доколку Обама нареди тајна операција и во Ирак испрати сили под команда на ЦИА, пишува „Вашингтон пост“, но сепак наведува дека ова би било лошо сценарио, бидејќи парамилитарна операција без јасно одобрување и контрола од Конгресот би можела да носи ризик од тортура и ликвидации слични на оние во тајните затвори за осомничени за тероризам, со кои исто така раководеше ЦИА.