СДСМ:Сечата на дрвјата на Водно да прекине и повиканите да излезат со одговори
Објавено во: Македонија 04 Јуни, 2016
Од СДСМ реагираат дека во Скопје немилосрдно продолжува уништувањето на зеленилото и сечата на дрвјата.
Според нив, на таргет на криминалната власт повторно се најдоа дрвјата на падините на Водно. Посочуваат дека над Детската болница „Козле“ веќе е исечена поголема површина на борова шума и се пробива пат. Од партијата бараат сечата на дрвјата на Водно да прекине и повиканите институции да излезат со одговори пред јавноста.
„Токму на овој дел од Водно, плац од 2.000 метри квадрати има министерот за одбрана Зоран Јолевски, од ВМРО-ДПМНЕ. Според информации што ги пренесоа одредени печатени медиуми на овој дел наводно свој плац имал и Томе Неновски, поранешен гувернер на НБМ, близок до ВМРО-ДПМНЕ. Надлежните институции, Град Скопје и општина Карпош имаат обврска да излезат и пред граѓаните да дадат одговори на прашањата: Зошто се сече шумата од Долно Водно? Кој ќе понесе одговорност? Дали еколошкиот масакар на дрвјата на Долно Водно е поради лични и бизнис интереси на лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ“- прашуваат од СДСМ.
За последниве 10 години, Скопје остана без половина градско зеленило, а само во последните две – три години исечени се низа на паркови и зелени површини, се наведува во соопштението од СДСМ.
Податоците покажуваат дека во Скопје, годишно има помеѓу 150 до 180 денови во коишто воздухот е загаден над дозволеното односно со високи концентрации на канцерогените ПМ 10 честички.