СДСМ: Скопје да се гасифицира наместо да се гради панорамско тркало
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2016
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. денеска побараa да запре изградбата на панорамското тркало.
Според нив, подобро е средствата да се пренаменат за гасификацијата или за изградба на подземна сообраќајница.
Координаторот на Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски вели дека најголем дел од финансиските средства за панорамското тркало се обезбедуваат од централниот Буџет во кој со ребалансот се кратат средства од здравството, земјоделството и железничката инфраструктура.
„Централниот буџет, буџетот на Владата, во моментот е актуелна тема во Собранието и од тој ребаланс денеска разбираме дека средствата финансиски наменети за буџетот за Министерството за здравство се намалуваат за 9,4 милиони евра. За Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој се намалуваат за 15 милиони евра. Се намалуваат и трошоците за железничката инфрасруктура за над 21 милиони евра и многу други примери“ - изјави Манчевски.
Тој кажа дека ќе побараат одговори од надлежните институции до каде се градежните работи за панорамското тркало, колку досега чини неговата изградба и од каде се обезбедени средства.