Се чувствува ли дека сме „четврта економија во Европа“ – Каде заглави социјалниот дијалог?
Објавено во: Анализа 25 Јули, 2025 07:50
Прескапа храна, замрзнати плати, подивени цени, застарен закон за работни односи, но и замрен синдикализам и политички пренамагања. Дали конечно ќе се одглави работата на Економско-социјалниот совет кој засега ретко се состануваше за да носи одлуки за клучните барања и на приватниот сектор и на работниците. Додека се најавува промена на методологијата на утврдување на минималната потрошувачка кошничка и проверка на репрезентативноста на сидникатите, разговараме со Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“ и „Гласен синдикат на работниците“ како нова синдикална организација.

Клучните проблеми на кои треба брз одговор и јасна стратегија се влошениот животен стандард, бавниот раст на платите споредено со инфлацијата која последните четири години го „покоси“ растот и неопходните промени за заштита на работниците во еден современ контекст.
Во ваква економска состојба каде има привидно добри макроекономски резултати според последните податоци на НБРМ и ДЗС, но загрозен животен стандард, кои се главните барања на синдикалните организации во пресрет на локалните избори кога ќе се стопираат сите големи владини одлуки, па така и можноста за измени кои веднаш би се спровеле е се пократка?
Ампева: Иако официјалната инфлација се води како стабилизирана, реалните трошоци за живот се сè уште преголеми за огромен дел од работничката класа. Тоа што макроекономските показатели изгледаат „во ред“ не значи ништо за човек кој мора да избира меѓу сметки и леб. Повеќе од 80% од нашите сограѓани живеат со приход кој не покрива ни половина од синџирот на основни потреби – храна, кирија, струја, транспорт, лекови.
Затоа веќе не зборуваме само за зголемување на минималната плата, туку инсистираме на воведување на концепт на „плата за живот“, што подразбира државата конечно да пресмета и објави колку навистина чини пристоен живот за едно четиричлено семејство, а да не бидат под тоа ниво. Тоа го бараме одамна и тоа не е популистичка флоскула - тоа е стандардна пракса во многу европски држави кои се стремат кон достоен живот на своите граѓани, намалување на иселување и зголемување на економскиот раст и развој на држата.
Нашите главни барања во моментов се:
– зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра,
– воведување на концептот „плата за живот“ и калкулација на истата со
вклученост на сите социјални партнери согласно признатата методологија на
европско ниво (Europe floor wage),
– индексирање на платите со трошоците за живот,
– и воведување на медијалната плата како задолжителен индикатор наместо
популизам и објавување на просечна плата која е далеку од реалните приходи на
мнозинството граѓани.
Во пресрет на локалните избори, знаеме дека институциите ќе влезат во политички молк и дека процесот на носење одлуки ќе се успори. Затоа апелираме и ги повикуваме сите политички актери да се обврзат однапред дека овие барања ќе бидат приоритет веднаш по изборите, без одлагање. Работничката сиромаштија не трпи политички калкулации, како што тоа се прави во овој момент со покачување на пензиите. Да се разбереме, почит кон оние кои ја граделе државата, почит од секторот кој е јавен сервис (јавната администрација), ама сум кажала и пак ќе напоменам, работниците од приватниот сектор се оние од кои зависи државата, економијата, буџетот, платите на јавниот сектор, како и пензиите. Затоа сум револтирана што работниците од приватниот сектор не се ни споменуваат никогаш во ниеден синдикален, партиски или макар владин пи-ар, а не пак да бидат удостоени за нивниот труд, работа, стандард.
Дали сметате дека Економско-социјалниот совет каде се води дијалогот меѓу Владата, синдикатите и работодавачите според сегашниот формат е продуктивен и може соодветно да ги реши проблемите на македонските граѓани? Треба ли истиот да се прошири со нови синдикални организации и сметате ли дека тие промени ќе се водат врз база на репрезентативност наместо пополнување место со т.н. жолти синдикати?
Ампева: Во својата суштина, Економско-социјалниот совет треба да биде трипартиден механизам за креирање политики врз основа на реална социјална состојба. Но, кај нас, за жал, советот одамна е форма без суштина. Таму сè уште седат истите синдикати што со децении се само формално присутни – без теренска работа, без отвореност кон членството, без транспарентност. Затоа и го имаме впечатокот дека станува збор за т.н. „жолти синдикати“ – оние што не се грижат за работниците туку чуваат фотелја и добри односи со властите и политичките партии.
Овој Совет не може да биде продуктивен додека не се отвори и за нови, автентични синдикати како нашиот, кои се изградени од теренот, кои имаат доверба од работниците, кои не молчат кога има неправда. Проширувањето мора да се заснова врз јасна и мерлива работа – број на членови, реална активност, број на правни постапки, застапени сектори и, секако, способност за учество во дијалогот. Само така Советот ќе добие легитимитет.
Моделите за вакво проширување веќе постојат во други држави. Во многу европски земји се применува принципот „отворена врата“ за синдикати кои покажуваат влијание и теренска сила. Ако сакаме ЕСС да биде алатка, а не декор, мора да се отвори. Не може судбината на сите работници да ја решаваат луѓе што не разговарале со работниците па ни со сопственото членство со години, членство кое е незадоволно и не може да се отчлени, а истите овие се декларираат како синдикалци или претставници на работниците.
Во контекст на барањата кои ќе се комуницираат и преку ова тело се и барањата за раст на платите, особено на минималната плата од 400 на 500 евра, со еден од главните аргументи дека т.н. синдикална кошничка ја надмина сумата од 1.000 евра. Затоа прашањето би го поделиле на два дела: треба ли и како да се дефинира синдикалната кошничка и како до повисоки плати, но не само во јавниот туку и во приватниот сектор?
Ампева: Ние одамна не зборуваме веќе за „синдикална кошничка“, туку за плата за живот. Синдикалната кошничка е добар почетен чекор, иако постојано ги критикувам сумите и калкулацијата која е прениска и недоволна ни за еден член на семејство, но тој концепт мора да е надграден во системска методологија што ја признава и прифаќа и државата. Во нормална држава, тоа значи институционално пресметана вредност, базирана на реалните трошоци на едно домаќинство – храна, сместување, режиски трошоци, облека, хигиена, образоваие, здравство, транспорт и минимална културна партиципација. Тоа е „living wage“ концептот, кој се применува насекаде од Ирска , но и гледаме и соседството се стреми кон ова , како што е случајот со Црна Гора.
Црна Гора е одличен пример. Таму веќе се воведе диференцирана минимална плата во 2024/2025 – 600 евра за лица со средно образование и 800 евра за високообразовани. Тоа е резултат на национален социјален договор, и покажува дека кога има политичка волја и јасна методологија, се може.
Што се однесува до зголемување на платите во приватниот
сектор – тоа е прашање на системски пристап. Не може државата да се откаже од
одговорноста и да каже „тоа е приватно“. Зголемувањето мора да се поддржи
преку:
– фискални олеснувања за компании што зголемуваат плати и пријавуваат целосен
износ, инвестиции, фискална и даночна
дисциплина,
– договори по гранки и сектори, со јасно дефинирани минимални прагови,
– вклучување на синдикати во контрола на колективните договори и нивна
имплементација.
Во јавниот сектор мора конечно да се спроведе најавената реформа на платниот систем – со праведна хиерархија, почитување на професиите и кариерно напредување, а не партиско вработување, унапредување, ама не појавување на работа. Во спротивно, ќе останеме со неспособна администрација и пензионери во државава. Тоа е повеќе од сигурно дека не е оддржливо.
Зошто според вас ја изгубивме културата на синдикализмот, и тука не се подразбираат само летни синдикални игри во некој застарен хотел покрај македонските езера, туку активни и живи работнички организации кои ќе се залагаат за одбрана на работничките права во модерниот контекст и економски предизвици, и како сметате дека може да се врати синдикализмот?
Ампева: Културата на синдикализмот не исчезна сама од себе – таа беше системски разорувана. Се одвиваше долготрајна и свесна кампања за пасивизација на работниците и за делегитимирање на синдикатите. Се создаваа и градеа „удобни“ синдикати, кои ќе седат тивки и ќе се сликаат по приеми на политичари, додека во реалноста на работното место работниците се понижувани, експлоатирани, а често и невидливи. Се губеше довербата, и кога ќе ја снема довербата, тешко се враќа. Синдикати кои се противат на зголемување на минималната плата. Да, дури и ова го имаме.
Но, ние веруваме дека културата на синдикализам не е мртва – таа само чека вистински простор да се изрази. За тоа е потребна храброст, истрајност и нова енергија. Ние, како Гласен Синдикат, работиме директно со луѓето, нудиме правна поддршка, ги штитиме јавно, без страв и калкулации. Тоа гради нова доверба. Затоа, сè почесто се јавуваат нови работници што сакаат да се приклучат, да се организираат, да се борат.
Синдикатот не треба да биде „внатрешна туристичка агенција“. Тоа мора да биде простор за организирана борба, солидарност и отпор. Ако тоа го покажеме – луѓето повторно ќе веруваат. А кога ќе се врати синдикалната култура, ќе се врати и достоинството на трудот.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





