Се огласи уапсениот што и се закани на Кацарска: За еден збор го повика личното обезбедување
Објавено во: Македонија 20 Мај, 2024
Мајк В. Поп Гинов кој живее во Шведска, е лицето за кое пред два дена беше објавено до МВР дека е уапсен за загрозување на сигурноста на претседателката на Уставен суд,Добрила Кацарска.
Тој за Скопје1 посочува дека сѐ се случувало во трговскиот центар „Рамстор“, каде случајно влегол откако бил на самитот „Македонија 2025“.
- Во 15 часот во ПС Центар, Добрила Кацарска од Скопје, пријавила дека во 12.35 часот, со нејзина колешка седеле во кафе бар Кулу во ТЦ Рамстор, при што во локалот влегло НН машко лице на возраст од 50 години, кое се потпрело со коленото на делот од сепарето, и ѝ се обратило со зборовите „Ти ќе одговараш, страшно ќе одговараш ти“. Се работи за В.П.Г. од Богданци, кој е задржан во ПС Центар, гласеше официјалната верзија од инцидентот од пред два дена.
Ова е вторпат за неколку дена Кацарска да добива закани. Во подземна гаража на зграда во Центар на 14 мај беа пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на претседателката на Уставниот суд.
Мајк В. Поп Гинов смета дека Кацарска повикала помош поради тоа што неколку дена претходно добила закана со оставен нож во нејзиното гаражно место.
„Во полициската станица бев задржан неколку часа, а еден од инспекторите помеѓу другото ме праша дали знам дека таа е трет човек во државата ,на што му одговорив дека секој треба да одговара пред законот подеднакво и никој не смее да злоупотребува државна позиција, напротив, одговорноста на државните функционери треба да биде поголема бидејќи се платени од граѓаните и треба да работат во интересот на Македонските граѓани. После некое време бев пуштен со напомена дека ќе бидам кривично гонет според член 144 став 4 . Ова го пишувам заради сите мои блиски пријатели кои беа загрижени заради лажните пишувања на многу соросоидни портали во кои се спомнува дека сум бил насилник, физички сум ја нападнал дотичната ,сум викал итн. Ги повикувам сите тие портали јавно да се извинат во спротивно утре поднесувам тужба!“, додава тој.