ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА УБИСТВОТО НА ГРЧКИОТ АМБАСАДОР: Го убила сопругата и нејзиниот љубовник?
Објавено во: Свет 30 Декември, 2016
Бразилската полиција се сомнева дека грчкиот амбасадор во Бразил, Кирјакос Амиридис (59) е убиен од неговата сопруга и нејзиниот љубовник – полицаец, јавува телевизијата „Глобо“, повикувајќи се на полициски извори.
Полицијата потврди дека телото пронајдено во изгорениот автомобил е на амбасадорот кој исчезна пред три дена. Тој од Бразилија тргнал да ги прослави новогодишните празници на плажата Копакабана.
Полициски истражители, за телевизијата „Глобо“ соопштиле дека сопругата на Амиридис, Франсоаз и полицаецот Сержио Мориеара дале наредба, а можно е да биле и извршители на убиството во домот на амбасадорот.
Сопругата и нејзиниот љубовник се приведени на сослушување, но не е познато дали повикале и адвокати.
Ни грчката амбасада во Бразил, ниту полицијата и грчките претставници не сакаат да ги коментираат наводите на телевизијата „Глобо“.
Телевизијата наведува дека се притворени уште две осомничени лица, но дека не се идентификувани.
Полицијата претходно наведе дека малку веројатно е дека грчкиот амбасадор е киднапиран, затоа што не е побаран откуп.
Амиридис годинава е назначен за амбасадор во Бразил. Тој од 2001 до 2004 година бил генерален конзул на Грција во Рио де Жанеиро, а од 2012 до 2016 година бил амбасадор во Либија.