Шолц се правда по разговорот со Путин: Му дадов до знаење да не смета дека поддршката ќе опадне
Објавено во: Свет 17 Ноември, 2024
Германскиот канцелар Олаф Шолц се обиде, по критиките од Украина и опозицискиот табор, да го оправда својот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во петокот.
„Мислам дека е многу важно да му се даде јасно до знаење на Путин дека не може да смета на тоа дека поддршката од Германија, Европа и многу други ќе опадне“, рече германскиот канцелар пред неговото заминување на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро.
Тој уште еднаш нагласи дека му дал до знаење на Путин дека Германија нема да дозволи мир кој би бил на сметка на Украина. „Без согласност на Украина, нема да се носат одлуки за оваа војна“, рече Шолц.
Шолц објасни дека неговиот телефонски разговор со Путин во петокот, прв по две години, го убедил дека рускиот претседател не го променил ставот за војната во Украина, што, како што рече, „не е добра вест“.
По телефонскиот разговор во петокот, официјален Киев го критикуваше Шолц, велејќи дека ваквите потези може да му помогнат на Путин да излезе од изолација.
Портпаролот за надворешна политика на опозициската Христијанско-демократска унија, Јирген Хард, го обвини Шолц дека му помага на Путин да го постигне овој „пропаганден успех“.