Работа, забава или луѓе: што им недостига на малите градови во земјава
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2018 06:50
Луѓето кои живеат во малите градови во Македонија
велат дека има цела листа на работи кои треба да се направат и сменат, за да
нивното место на живеење биде подобро.
Во многу од малите градови нема работа, платите се ниски, изборот на работни места е мал, нема кино, нема театар, а сообраќајните врски со соседните градови се лоши. Владее апатија. За здравствени услуги, дел од жителите на малите градови се принудени да патуваат во поголемите центри како Битола, Прилеп, Струмица, Штип или Куманово. Во одредени региони, дури се патува до соседен град за купување на гардероба, затоа што таму има поголем избор.
„Како да бидам задоволна од животот во Ресен кога немам работа, седам дома. Ресен е вистинска мизерија, како и цела Македонија која е тешка провинција“, вели жителка на Ресен.
И жителите на Свети Николе се жалат и за својот град велат дека е добар за пензионери, чисто е, мирно е, но нема работа и го нарекуваат „слепо црево меѓу Велес и Штип“.
Нема егзистенција за млади луѓе во помалите градови, вели Ивана Попоска од Пехчево.
„Во помалите градови во внатрешноста на Македонија многу тешко се наоѓа работа, а дополнителен проблем е што платите се многу ниски. Невработените луѓе во провинција немаат голем избор, па често пати високообразованите кадри, како мене со два факултети се принудени да работат во поголем град или професија која не е поврзана со она за што се образувале. Моето гратче Пехчево има сè помалку жители затоа што условите за живот стануваат сè полоши и полоши. Пехчево е идеално место за одмор, но не и за живеење“, вели Попоска.
Професорката по социологија, Татјана Филиповска од Гимназијата „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка раскажува дека таа го сака својот град, но тоа не е случај со младите. Тие сакаат да се иселат, и тоа не во поголем град, туку во друга држава.
„Се инвестира само во Скопје, но не и во помалите градови. Овде работа може да се најде многу тешко, и тоа по бутици, маркети, но и тоа обично се семејни бизниси. Младите сакаат да си заминат најмногу поради немањето работа. Можеме да се тешиме дека пак Крива Паланка има живот каков таков за разлика од Кратово, Пробиштип, Делчево“, додава таа.
Вели дека малите градови умираат, културни настани ретко се случуваат, но и кога ги има, мал број на луѓе се појавуваат од причина што се изгуби културата за одење во кино, или за посета на некој друг настан.
Сања Атанасовска
фото Википедија
Можеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




