Добивај вести на Viber
Во земјите од Западен Балкан во изминатите неколку недели имаше сериозни негодувања заради најавите дека во новиот состав на Европската комисија предводен од Жан-Клод Јункер нема да има посебен комесар за проширување.
Јункер во Комисијата предвиде еврокомесар за соседство и преговори за проширување и ресорот му го довери на Австриецот Јоханес Хан. Хан ќе биде задолжен за односите со земјите од најблиското соседсво на ЕУ, но и ќе го води процесот на преговори со земјите кои веќе преговараат за членство во Унијата, со што на некој начин ќе го наследи еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Сепак, според скептиците, фактот што во Комисијата нема да има посебен човек надлежен за проширувањето е јасен сигнал дека овој процес веќе паѓа во втор план. Потврда за ова се бара и во името на самата позиција, каде проширувањето е на второ место после соседството, но и во изјавите на Јункер кои навестуваат дека Унијата во претстојниот петгодишен период нема да се шири, туку ќе се обиде внатрешно да се консолидира.
Допрва ќе треба да се види во колкава мера назначениот еврокомесар ќе успее да се посвети на двата големи ресори и колкаво внимание ќе добијат земјите како Македонија, кои се уште не ги почнале преговорите за членство.
Инаку, Австриецот Јоханес Хан, кој досега ја извршуваше функцијата еврокомесар за регионална политика, ќе стапи на новата должност од 1 ноември. Важи за човек што добро го познава балканскиот регион. Член е на австриската и на европската десница.
Студирал на Универзитетот во Виена, каде што докторирал филозофија во 1987 година. Токму околу неговата докторска дисертација се појави контроверзна ситуација. Имено, во мај 2007 година австрискиот академик Штефан Вебер го обвини Хан за „апсолутно неуреден“ докторат, тврдејќи дека копирал многу страници од други книги, а правилно не ги цитирал.
Иако надлежната комисија не утврдила плагијат, сепак во јуни 2009 година професорот по филозофија на Виенскиот универзитет Херберт Харовиц објавил дека трудот на Хан содржи десетици ставови кои не се цитирани. Универзитетот ниту тогаш не покренал постапка.
Потоа во 2011 година, Питер Пилц од австриската Партија на зелените побарал од Вебер одново да го процени докторатот на Хан. Кон крајот на мај, формирана посебна експертска група објавила заклучоци наведувајќи 76 примери за плагијат. Хан ги негирал обвинувањата, тврдејќи дека се „политички мотивирани и неважни“.