01 Ноември, 2024
0.0287

Што ќе постигне опозицијата со референдумот – Анализа со Спасеновски

Објавено во: Македонија 19 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Референдум како рецепт за стопирање на штетните последиците од прифаќањето на т.н. француски предлог со кој треба да се откочи членството во ЕУ и притоа да се прифатат дел од барањата на Бугарија за отстранување на ветото или алатка за опозицијата да продолжи да врши притисок врз власта и на тој начин да го канализира револтот на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата веќе бојкотираа еден рефенредум и одбија активно да учествуваат, што како политички бумеранг може да им се врати и целата иницијатива да пропадне, без вистински ефект за промена на одлуките кои ги донесе Собранието и Владата. Според универзитетскиот професор Александар Спасеновски организирањето на ваков референдум отвора серија на предизвици кои фрлаат значителна неизвесност, но може и да доведе до промена на статус кво состојбата во државата.

Што конкретно бара опозицијата, како ќе се формулира референдумското прашање?

Спасеновски:Во недостаток на целосно информации не е благодарно да се прават прогнози од овој тип. Сепак, ако си дозволиме да шпекулираме, референдумското прашање би требало да реферира на актите кои беа усвојувани во врска со Преговарачката рамка за пристапните преговори на државата со Европската Унија. Во оваа смисла, важни во оваа анализа се три документи: прво, Информацијата за содржината на преговарачката рамка доставена од Владата до Собранието за која расправаа пратениците на 14, 15 и 16.7.2022 година; второ, Заклучоците на Собранието во врска со Информацијата на Владата кои беа усвоени со асполутно мнозинство на 81. Седница, на 16.7.2022 година; трето, Известувањето на Претседателот на Владата до претседателот на Собранието од 19.7.2022 со кое информира дека Владата ги разгледала и ги прифатила Заклучоците на Собранието во врска со Информацијата за содржината на преговарачката рамка.

Според ова, а во согласност со Уставот и Законот, клучниот документ претставуваат Заклучоците на Собранието од 16.7.2022 со кои, меѓу другото, во точката 1 „се задолжува Владата да ја усвои Преговарачката рамка за да се деблокираат евроинтеграциските процеси“.

Важно е да се каже дека според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недмослислено, така што граѓанинот на референдум може да одговори со „за“ или „против“. Исто така, според истиот закон, Собранието е должно во рок од 60 дена по евентуално успешниот референдум прашањето на кое се однесувал истиот да го уреди на начин според резултатите од референдумот.

Имајќи го во предвид споменатото, иако е крајно неблагодарно да се предвидува, сметам дека доколку на ваков начин размислуваат и експертите во ВМРО-ДПМНЕ, референдумското прашање би можело да гласи: „дали сте за Заклучоците на Собранието (Службен весник, број 161 од 16.07.2022) со кои се задолжува Владата да ја прифати предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на државата со Европската унија?“. На таквиот референдум, пак граѓаните би биле повикани од страна на опозицијата да гласаат „против“.

Целта на ВМРО-ДПМНЕ е прашањето на референдумот да доведе до промена на преговарачката рамка со Европската унија, односно со исфрлање на Договорот со Бугарија (и протоколот) од неа. И да биде успешен референдумот, има ли основа Република Македонија да бара промена на преговарачката рамка во оваа фаза?

Спасеновски:Организирањето на ваков референдум отвора серија на предизвици кои фрлаат значителна неизвесност. Вкупно земено, овие проблеми може да се поделат во три групи: прво, административно-законски предизвици поврзани со создавањето претпоставки за организирање на референдумот; второ, практични предизвици поврзани со процентот на излезност на граѓаните на референдумот и трето, политички предизвици поврзани со евентуалната промена на преговарачката рамка според која ќе се одвиваат преговорите за членство на државата во Европската унија.

Во однос на првата група предизвици, Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните остава голема дискрециска моќ на претседателот на Собранието во однос на носењето на одлуката за уредноста на граѓанската иницијатива за организирање на референдум, а за која конечна одлука носи парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ. Во оваа смисла, дополнително Претседателот на Собранието има голем простор да калкулира - да одолговлекува или да забрзува - со временската рамка во која ќе се разгледува иницијативата за референдумот низ собраниските тела. Оттаму, опозицијата и граѓаните никогаш не можат да бидат до крај сигурни дали власта нема да ги искористи празнините во Законот за да го развлече носењето на конечната одлука, како и да ја осуети во корен иницијативата за организирање на референдумот повикувајќи се на формални пречки поврзани со нејзината (не)уредност.

Во однос на втората група предизвици, за опозицијата ќе претставува сериозен предизвик и прашањето на евентуалната мобилизација на граѓаните. Имено, за да биде референдумот успешен потребно е да излезат на гласање половината од вкупниот број избирачи, односно околу 910.000 граѓани. Ова е клучниот предизвик за ВМРО-ДПМНЕ со оглед на фактот дека е повеќе од извесно дека партиите од власта ќе повикаат на бојкот, односно на игнорирање на оваа иницијатива.

Во однос на третата група предизвици, пак, доколку претходните две групи на проблеми сепак бидат совладани, ќе остане крајно неизвесно како после евентуалниот успешен референдум би се спровела таквата одлука во пракса во однос на рамката на преговорите за членство на државата со Европската унија.

Последниот референдум кој се организираше беше консултативен, но и во таква форма не успеа, благодарение претежно на опозицијата која активно го бојкотираше. Каков е сега кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозициски партии да организираат референдум и водат кампања за негова успешност, кога со истиот „рецепт“, односно со бојкот, без оглед колку и да излезат граѓани, може да биде срушен?

Спасеновски:Со оглед на законските услови кои се однесуваат на организирањето на референдум, како што кажавме, постојат два големи предизвика за опозицијата. Првиот се однесува на самата процедура што треба да се спроведе за да се дојде до референдум, додека второто и поважно прашање е неговата (не)успешност. Вкупно земено, референдумот претставува алатка што ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ја искористи за да продолжи со политичката борба против делови од Преговарачката рамка. Ова во себе крие и многу опасности кои може да имаат повратен ефект. Многу е важно партиите крајно внимателно да пристапуваат кон секоја идеја на начин според кој ќе ја максимизираат сопствената корист, односно нема да причинат евентуална штета врз нив самите, но и врз државата во целина. Политички гледано, факт е дека барем засега идејата за референдум претставува пресметан потег на опозицијата во насока на продолжување на животот на дебатата за ова прашање кое, како што видовме, не беше прифатено од страна на огромното мнозинство граѓани на државата.

Кога сме веќе на темата политички импликации од референдумот, дали сметате дека истиот е опуртунистички воден од ВМРО-ДПМНЕ за да го одржи разгорениот гнев кај дел од населението по прифаќање на т.н. Француски предлог и потоа да го „капитализира“ како поддршка од електроратот на следни избори, без оглед кога тие и да се одржат?

Спасеновски:Темите за референдумот и за предвремените парламентарни избори се меѓусебно испреплетени. Постојат серија на нијанси во исходите од овие процеси од кои ќе зависи евентуалното организирање на предвремени избори.

Ако иницијативата за референдум на државно ниво биде осуетена уште на самиот почеток од страна на власта заради широките овластувања што Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните му ги дава на Претседателот на Собранието, односно на Собранието во целина, извесно е дека ќе продолжи статус кво периодот кој ќе се карактеризира со скоро блокирано владеење на СДСМ и на ДУИ и со дополнително зголемени политички тензии во државата.

Доколку сепак, се организира референдум, возможни се три ситуации: прво, ако опозицијата освои помалку од 315.000 гласови колку што освои ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори, во тој случај референдумот би можел да има повратен ефект врз најголемата опозициска партија преку повторно отворање на дебатите за интегритетот и за капацитетите на лидерството да испорача победа; второ, доколку опозицијата освои до 481.615 гласови (колку што историски има освоено најмногу ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2014), тогаш дополнително ќе се зголеми притисокот врз парламентарното мнозинство кој можеби ќе доведе, а можеби и нема да доведе до предвремени парламентарни избори заради актуелната политичка коњуктура во Собранието; трето, доколку опозицијата освои над 481.615 гласови сé до потребната бројка за успешен референдум - односно околу 910.000 гласови - тогаш тоа ќе значи несомнена делегитимизација на власта после што како неминовност ќе се наметнат превремените парламентарни избори.

Во оваа фаза од развојот на настаните повеќе од очигледно е дека граѓанскиот револт е огромен. Сепак, останува крајно неизвесно на каков начин ќе се одвива постапката и какви чекори ќе бидат преземени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е всушност главната причина заради која не може сега да се направи најточна проценка дали ќе продолжи статус кво состојбата во државата или оваа тема ќе доведе до распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори.

Власта е категорично против одржување референдум но, тој процес нема да може да го сопре доколку се соберат потписи од најмалку 150.000 граѓани. Кои се законските и уставните можности за организирање референдум за прегорарачката рамка со ЕУ?

Спасеновски:Во секоја демократска држава, па така и во Република Македонија, граѓаните суверенитетот го остваруваат на два начина: непосредно, најчесто по пат на референдум и посредно, преку избраните претставници во парламентот и другите институции на државната власт.

Референдумот како облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден акт или одлука од посебно значење може да биде организиран пред неговото усвојување (ante legem) или после неговото освојувањето (post legem).

Според Уставот, граѓаните непосредно одлучуваат на референдум за прашања од надлежност на Собранието доколку така одлучило мнозинството од вкупниот број на пратеници. Ова се нарекува факултативен референдум бидејќи дали тој ќе се организира зависи од волјата на пратениците. Наспроти факултативниот референдум постои и т.н. задолжителен референдум кој Собранието е должно да го распише во три случаи, од кои еден е доколку до Собранието е поднесен предлог од 150.000 избирачи, при што одлука донесена од страна на граѓаните е задолжителна (Устав, член 73). Овој тип на референдум се распишува за сите прашања што се во надлежност на Собранието, освен за Буџетот и завршната сметка на Буџетот, за одбрата, воената и вонредната состојба, како и за прашања за кои Собранието одлучува со т.н. „двојно“, односно т.н. „бадинтерово мнозинство“ (Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, член 28).

Имајќи ја во предвид реалноста, извесно е дека опозицијата се подготвува за организирање на задолжителен референдум преку организирање на активност за собирање на 150.000 потписи на избирачи. Овој референдум ќе се однесува на веќе усвоен акт, односно одлука и истиот ќе има карактер на народно вето под што се подразбира облик на референдумско изјаснување на граѓаните за отфрлање на веќе донесени одлуки од страна на законодавната власт и истата би била задолжителна (Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, член 30).

Според ова, а во согласност со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, опозицијата најпрво ќе покрене т.н. граѓанска иницијатива на државно ниво кон која треба да се приклучат најмалку 100 избирачи. Предлогот на оваа иницијатива ќе се достави до претседателот на Собранието кој низ собраниските тела треба да утврди дали истата е во согласност со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Доколку иницијативата е уредна, Претседателот на Собранието ги известува подносителите преку овластениот предлагач, а доколку се смета дека е неуредна ќе ја достави до Собранието на понатамошно одлучување кое, пак, на пленарна седница ќе донесе конечна одлука околу уредноста на иницијативата.

Понатаму, доколку иницијатвата е уредна, претседателот на Собранието ја известува и Владата која е должна да го организира собирањето на потписите на избирачите во органот на државната управа задолжен за прашањето на избирачкото право. Собирањето на потписите започнува 20 дена од денот на доставувањето на известувањето од страна на претседателот на Владата до органот на државната управа задолжен за евиденција на избирачкото право. Собирањето на потписите, пак, трае три месеци и во тој период подносителите на иницијативата се должни да соберат 150.000 потписи. Доколку не се соберат потребните потписи во овој период, иницијативата се смета дека не е покрената. Доколку се соберат, пак, овластениот претставник на иницијативата, три дена по собирањето на потребниот број потписи е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието, а Собранието, пак, е должно  во рок од 30 дена без расправа да донесе одлука за распишување на референдум. Референдумот, пак, се организира во период од 60 до 90 дена од денот на објавувањето на Одлуката тоа во Службен весник.

Х. С. 

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа седница за пратенички прашања, опозицијата и власта си разменија остри зборови

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа седница за пратенички прашања, опозицијата и власта си разменија остри зборови

ПИСОНЕРО: Сите политички сили во Македонија да се обединат за да се спроведат уставните измени

ПИСОНЕРО: Сите политички сили во Македонија да се обединат за да се спроведат уставните измени

АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ТВРДАТ: Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин

АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ТВРДАТ: Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин

ТОШКОВСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА: Вие 300 пати ми побаравте оставка

ТОШКОВСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА: Вие 300 пати ми побаравте оставка

АПАСИЕВ ПРАША ЗА ПРИЗНАВАЊЕТО НА ПАЛЕСТИНА: Mицкоски повика на мир во Газа, Украина и секаде во светот

АПАСИЕВ ПРАША ЗА ПРИЗНАВАЊЕТО НА ПАЛЕСТИНА: Mицкоски повика на мир во Газа, Украина и секаде во светот

„ПАДНА“ ОДЛУКА: Уставниот суд ја поништи одредбата за верски обреди во армијата

„ПАДНА“ ОДЛУКА: Уставниот суд ја поништи одредбата за верски обреди во армијата

ГРАЃАНИТЕ ДОБИВАЛЕ ПОРАКИ ДЕКА СЕ ПРЕДМЕТ НА ПРАВНИ ПОСТАПКИ: Измами во име на МВР, внимавајте

ГРАЃАНИТЕ ДОБИВАЛЕ ПОРАКИ ДЕКА СЕ ПРЕДМЕТ НА ПРАВНИ ПОСТАПКИ: Измами во име на МВР, внимавајте

ЗЕМЈОТРЕС ВО МАКЕДОНИЈА: Се стресе град во западниот дел

ЗЕМЈОТРЕС ВО МАКЕДОНИЈА: Се стресе град во западниот дел

(ФОТО) СЕДЕШЕ ВО ДРУШТВО НА ЖЕНА: Груевски e фотографиран во јапонски ресторан во Будимпешта

(ФОТО) СЕДЕШЕ ВО ДРУШТВО НА ЖЕНА: Груевски e фотографиран во јапонски ресторан во Будимпешта