Добивај вести на Viber
Поголемиот дел од западноевропските земји се надеваат дека Шкотска денеска ќе му каже „не“ на отцепувањето од Велика Британија. Но резултатите меѓу таборите за и против независност до последните моменти се многу изедначени.
Што ќе се случи доколку Шкотска сепак избере ДА?
Според познавачите, последиците ќе бидат огромни, а ова се најважните:
ПАЗАР: Велика Британија ќе мора да ги смири пазарите за да ја стабилизира фунтата. Во случај на шкотска независност, веќе утре би можеле да се очекуваат изјави од британскиот министер за финансии Џорџ Осборн и гувернерот на централната банка Марк Карни.
ОСТАВКИ: Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека нема да даде оставка, но по евентуалната загуба на една третина од британската територија и на една десетина од населението, веројатно би бил принуден на ваков потег. Парламентот уште не ја започнал својата есенска сесија, па не е веројатно итно гласање за недоверба на Камерон. Иднината на Ед Милибанд, челник на опозициските лабуристи, иусто така би можела да биде доведена во прашање, бидејќи неговата партија силно се залагаше во кампањата против независноста.
ПРЕГОВОРИ: Доколку победи гласот „ЗА“, шкотската влада има намера да прогласи независност на 24 март 2016 година, што остава 18 месеци за преговори за раздружување со Лондон. Агендата ќе биде долга и ќе содржи тешки прашања, како што е валутата, британското нуклеарно оружје во Шкотска, граничната контрола, нафтата, пензискиот и здравствениот систем.
ИЗГРАДБА НА ДРЖАВАТА: Меѓу останатото, жителите на Шкотска мора да изградат сопствена војска и да отворат амбасади во странство. Ќе мора да им издаваат посебни пасоши на своите граѓани, да преговараат за меѓународни трговски спогодби и да аплицираат, или да се обидат да го задржат челнството во ЕУ, НАТО и други институции.
ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ: Британците треба да одржат парламентарни избори во мај 2015 година. Шкотска тогаш уште би била дел од Обединетото Кралство и би имала право на свои 50 застапници во Вестминстер. Во постојниот состав 41 пратеник од шкотските изборни единици припаѓа на лабуристичката партија. Доколку лабуристите освојат власт на државно ниво со помош на поддршката од Шкотска, веќе за една година потоа би можеле да ја изгубат затоа што Шкотска ќе ја напушти државата. Некои предлагаат дека доколку Шкотска прогласи независност треба да се одложат парламентарните избори, нешто што во Велика Британија се случувало само во услови на војна.
РЕФЕРЕНДУМ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ: Ако конзервастивците на изборите повторно освојат власт, Камерон вети референдум за останувањето на Велика Британија во Европската унија до 2017 година. Ако Шкотска, која е многу повеќе европски ориентирана од другите делови на Обединетото Кралство, ја напушти државата, многу е поверојатно дека и Велика Британија ќе излезе од ЕУ.