Шверцот со нелегален тутун зема замав на пазарите во Македонија
Објавено во: Економија 21 Октомври, 2020
На градските пазари, покрај тезгите со компири, пиперки и домати може да се купи сé и сешто – од шрафови и најразличен алат, преку козметика, чанти, обувки, облека, часовници, до цигари и режан тутун. Состојбата денес секако е нешто подобра бидејќи на тезгите не можат како порано да се најдат млечни и сувомесни производи, чоколади и други кондиторски и прехранбени производи, кои претставуваа сериозен ризик по здравјето, не само поради несоодветното чување и продажба, туку и поради фактот што многу често се работеше за производи со изминат или фалсификуван рок траење. Но, затоа има друга нелегална стока.
Законот за трговија на пазарите дозволува продажба на козметика, облека, обувки, алат и слични производи и на пазарите, за што е потребна да се добие лиценца. Меѓутоа, само доколку се работи за производи за кои постои легална документација за набавка, односно увоз. А тоа, поради огромниот број на производи кои се нудат на тезгите, најчесто не се контролира. Доволно е да се погледнат тезгите со облека на кои има изобилство производи со заштитени трговски марки, како Најк, Адидас и други, што самото по себе укажува дека се работи за нелегална продажба.
Најеклатантен пример за нелегална продажба на пазарите е продажбата на фалсификувани цигари, нелегален режан тутун и целата „опрема“ за виткање цигари. И тоа не само надвор од пазарите, на кутии и поставени масички, туку и во самите пазари каде „најлегално“ се изнајмени тезги на кои можат да се најдат цигари кои кај нас ги нема во регуларна продажба, што значи дека не потекнуваат од легалните увозници. Може да се избере и режан тутун спакуван во ќеси или кутии со ознаки на Марлборо, Карелиа и други познати брендови.
А во суштина се работи за нелегално внесен тутун со непознат квалитет - не се знае составот, потеклото, начинот на складирање и останатите карактеристики кои влијаат врз неговиот квалитет и специфики. Анализите кои досега се правени потврдуваат дека истиот најчесто содржи енормно високо ниво на катран и пестициди и е штетен по здравјето на луѓето.
Дека нелегалната продажба е во пораст укажуваат и официјалните податоци од Царинската управа за бројот на издадени контролни маркички за цигари. Ако во 2015 година биле издадени 263,5 милиони контролни маркички, во 2019 бројот на издадени маркички се намалил на 221,2 милиони. А истовремено нема податоци дека во земјава има драстично намалување на бројот на пушачи. Ова покажуваа дека има континуирано намалување на легалната продажба на цигари и зголемување на нелегалната продажба. Според некои проценки државата од нелегалната продажба на цигари и режан тутун годишно губи околу 18 милиони евра по основ на ненаплатени приходи од акциза и ДДВ. Лани во јуни имаше поголема акција за заплена на нелегален тутун во скопското село Љуботен, но други поголеми акции засега нема. Арафат Муареми директор на Управата за финансиска полиција за Фактор вели дека тој случај не е завршен, но најавува завршница некаде на почетокот на следната година.
„Тој случај не е завршен но ќе има завршница веќе од почетокот на следната година. Станува збор за голем предмет за кој сенаправени дополнителни инспекциски контроли, проверки. Потоа по консултација со Обвинителство ќе се види кој се ќе биде опфатен во кривичниот предмет”, вели Муареми.
Покрај, појавата на нелегален тутун на зелените пазари, во последно време се забележува и тренд на посебни страници на социјалните мрежи како Facebook каде се нуди нелегален режан тутун, па дури и со телефонски броеви и опција за носење до дома, иако тоа е со закон најстрого забрането. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за Фактор вели дека наскоро ќе има повеќе детали за нелегалната продажба на тутун. Инспекторите се на терен и станувало збор за една широка акција во која освен продажбата на пазар е опфатена и таа на социјалните мрежи. Вели дека ќе има реакција и кривични пријави.
Нелегалната продажба на пазарите е на штета на државата бидејќи ако се толерира се нарушува интегритетот на целиот даночен систем, влијае штетно на буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобро и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани.
Согласно извештајот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за објаснување на сивата економија во Европа, објавен во декември 2019 година, учеството на сивата економија во севкупниот економски сектор на Република Северна Македонија изнесува 37,6 проценти. Според овој податок, земјата е на четвртото место во регионот на Југоисточна Европа.
A.T.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.