Слободен печат: Можно е партиски активисти да се инфилтрираат во „невладините“ за референдумот
Објавено во: Македонија 22 Септември, 2018
Воопшто не треба да изненади фактот доколку поголемите партии успеат да пронајдат начин како да го заобиколат законот што го забранува нивното присуство во гласачкиот процес за време на референдумот и да инфилтрираат активисти во невладините организации на кои им е дозволено да набљудуваат, пишува СЛободен печат.
За разлика од локалните, парламентарните и претседателските избори, законот за референдум не им дозволува на политичките партии да присуствуваат на гласачките места и да го следат процесот на пребројување на гласачките ливчиња. Но, како што предупредуваат политичките експерти, претстојниот референдум за промена на името е премногу важен, како за партиите на власт, така и за партиите во опозиција, па според нив, воопшто не треба да изненади фактот доколку поголемите партии успеат да пронајдат начин како да го заобиколат законот и како легално и директно да учествуваат во процесот.
Еден од тие начини, предвидуваат експертите, би можел да се реализира преку невладините организации за кои законот не дава никакви ограничувања, па како што велат, лесно би можело да се случи политичките партии да уфрлат свои луѓе во невладините што ќе внимаваат да нема прекршување на гласачкиот процес. Од друга страна, пак, раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е толку загрижено за оваа проблематика колку што предупредува дека ќе се случат низа нерегуларности и обвинува дека владејачката СДСМ ќе ги фалсификува резултатите од референдумот.