ПОСТАРО ЛИЦЕ Е ЗАГЛАВЕНО ВО КОЧАНСКО: Службите прават напори за негово извлекување
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2025
Службите извлекуваат заглавено постаро лице од снежни наноси во околината на Кочани.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во тек е координирано извлекување на заглавено постаро лице од снежни наноси, кое е во својот дом во кочанското село Полаки. РЦУК Кочани известува дека постапиле по пријавата за помош на лице во село Полаки (планинско село од разбиен тип) во маало Бабиште при што контактирани се Општина Кочани, Црвен крст Кочани, ТППЕ Кочани и ДЗС Кочани. Командирот на ТППЕ Кочани стапил во контакт со братот на лицето кое се наоѓа во село Полаки за негова евакуација од страна на ТППЕ Кочани.
Лицето, како што се наведува, ја одбива понудената помош со барање да се почека до утре.
„Истовремено има ново барање да им се исчисти прво патот (концесионерот ги одржува само патиштата кои се под асфалт, а не и споредните патишта кои се до маалата, а што не се асфалтирани) па потоа тие да проценат дали ТППЕ има потреба да интервенира за нивна евентуална евакуација. РЦУК Кочани и Секторот за операции и координација се во постојан контакт со ТППЕ Кочани“, соопшти ЦУК.
Во кочанско Рајчани вчера ЦУК организираше акција за извлекување на малолетници. Во Македонија на некои места снежната покривка е над 50 сантиметри.