Добивај вести на Viber
Задолжително обновување на инфраструктурата, подобра организација при претставувањето на туристичките саеми, но и прифатливи цени, се дел од работите кои треба да се направат за подобрување на туризмот во Македонија. Според потпретседателката на Туристичката комора на Македонија, Татјана Перовиќ-Митрова, иако потфрли, годинешната туристичка сезона сепак не може да се нарече катастрофална.
„Има неколку елементи што може да се наведат што би требало да се подобри за да имаме поголем број на странски туристи. На почетокот би нагласила, ако зборуваме за туристичките места, во Охрид и охридскиот регион, оваа сезона не му беа наклонети временските услови, но во таа насока показателите, пак, покажуваат дека има зголемен број на странски туристи. Имаме проблем можеби со домашните туристи, повторно ќе нагласам кои елементи направија, да речам, грда слика во смисла во топ сезона имавме неприфатливи чекања со часови на патарините, кои ги дестимулираат туристите. Тие работи, инфраструктурата дефинитивно мора, а и ресорните министерства и сите како земја мора да бидат на услуга на туристот, не само како добри домаќини, туку да се грижат и за нивната безбедност“, вели Перовиќ-Митрова во неделното интервју на
Радио Слободна Европа.
Перовиќ-Митрова забележува дека националната стратегија за туризам е донесена во 2011 година и треба да се ревидира бидејќи во Македонија не може да се зборува за развивање мас- туризам. Според неа имаме пет елементи за кои во делот на стратегијата се размислува и се разговара – тоа е културниот туризам, планинскиот туризам, винскиот туризам, бањскиот или спа туризам и етно или еко или селскиот туризам, на што треба да се работи дополнително.
За намалувањето на бројот на домашни туристи, како виновник ја посочува нелојалната конкуренција и цената.
„Тука малку се појавува таа да речам нелојална конкуренција во делот на цената на одредени аранжмани во Република Грција каде што имате енормно ниски цени, но сметам дека тоа е еден елемент од многуте. Да речеме Берово како туристичка дестинација сега полека, полека станува многу интересно место. Тоа не се нуди или се нуди со еднаква цена за којашто практично вие како потрошувач можете да отидете во Грција во некој апартман. Тоа е втор елемент каде што можеби треба дополнително да се стимулира домашниот турист и секако економската состојба влијае на патувањата воопшто“, вели во интервјуто.