19 Декември, 2025
0.0480

Сè повеќе згради празни – жителите бегаат од водената криза во Скопје

Објавено во: Македонија 23 Јули, 2025 07:33

Добивај вести на Viber

Состојбата со немањето вода во главниот град веќе станува неподнослива за дел од жителите на високите зони. Остануваат без вода со часови и во период кога таа е најпотребна, за време на екстремно високи температури и топлотни бранови.

И за жал, додека некои неконтролирано трошат вода, наводнуваат, полнат базени, други жители на Скопје со недели се по 13 часа без капка вода.

Таква е ситуацијата со жителите на Водно, поточно на улицата Салвадор Аљенде. Без вода се три недели. Од тие три, две комплетно немале вода од пладне до еден часот по полноќ.

Вода немаме три недели, поточно 2 недели комплетно немавме од 12 попладне до 1 по полноќ. Зборам немавме капка вода. Само последниот викенд имавме слаб притисок, за сега повторно да почне да снемува во раните ноќни часови“, вели Ивор Мицковски, кој живее во зграда, од која привремено се иселиле сите станари, заради проблемот со водоснабдувањето.

Вели дека спасот како и сите други станари од неговата зграда, го бараат во Маврово, бидејќи без вода, не можат да живеат.

Речиси целата моја зграда е отселена, па и ние седиме во Маврово овие денови, чисто доаѓаме кога е неопходно заради работни обврски. Другото го знаете, не можеш да се измиеш или испереш“, нагласува тој.

Вели дека сите станари ѕвонеле во Водовод и канализација, со цел да извршат притисок, но објаснувањето кое оттаму го добиле е истата приказна која ја пласираат и во јавноста. Вода премногу се трошела. 

Од Водовод објаснуваат дека вода генерално нема и премногу се трошело, но тоа е уште поиритантно, бидејќи тоа значи дека само ние и некои други трпиме рестрикции(ако 13 саати немање вода може така да се наречат) додека други делови од градот, па и само неколку метри пониско, си трошат како што сакаат. Ако нема вода или се прават рестрикции тогаш тоа треба да важи за сите, за сите да се освестат и да понесат сметка колку трошат. Вака испаѓа едни плаќаат за сите останати“, вели Мицковски.

Вели дека веќе почнале да се расипуваат и апаратите за домаќинство, а раскажа и дека и покрај тоа што купуваат вода, на оваа жега, не се доволни ниту 40 литри вода за да се задоволат основните потреби.

На комшии им се расипа машината за перење алишта, веќе мислам дека тоа ќе биде случајот со сите станови. Кога сме дома набавуваме големи балони вода, но ни 30-40 литри не се доволни за базични потреби и хигиена. Како зграда и станари сите се јавувавме и вршевме притисок до Водовод, но они ноншалантно ја повторуваат истата приказна -нема вода, многу се троши и дури кажуваат дека ова може да потрае цело лето. Што повеќе човек да каже, на ова дереџе сме дојдени, а Водовод ниту инвестира во водоводна мрежа, ниту може да си наплати диви корисници, ниту има некое системско решение на повидок. Ние сме првите што плаќаме за сите, евентуално и очигледно овдека треба да снема комплетно одреден ресурс за да разбреме како се однесуваме, било како институции или како поединци“, револтирано раскажува тој.

За жал, жителите на високите зони на Водно не се единствени кои трпат некаков вид „рестрикции“ на вода.

Состојбата е слична и во Железара, каде, како висока зона, во попладневните часови притисокот е минимален или воопшто нема вода. И тамошните жители се гневни на таквата ситуација, бидејќи немањето вода во вечерните часови да се средат, истушираат и исперат влијае на целокупниот тек на живеење.

„ГАЗИ БАБА МОРА ДА ПРЕСТАНЕ ДА ИЗДАВА ДОЗВОЛИ СО ГРАДБА, АКО САКА ДА ИМА ВОДА“: Капцитетот не може да ја издржи потрошувачката

„Јас сум со мали деца и не можам да ги истуширам навечер. Тоа се деца кои во попладневните часови излегуваат надвор и се враќаат валкани од играње фудбал, и други детски игри. Не можам ниту машина да пуштам да пере бидејќи нема вода или има премалку, па морам наутро да ја пуштам, кога повеќе евтина струја нема. Јас сум жена што оди на работа и немам прилика да перам во другиот термин кога струјата е евтина. Оваа ситуација мора да се реши. Или надлежните нека воведат некоја вонредна ситуација и да се оди од куќа во куќа и да се санкционира секој што си прска низ двор, или си полни базени“, вели Ана С., жителка на Железара.

Кај граѓаните револтот е голем посебно затоа што некој си прска двор, друг останува без елементарното право да има вода за пиење.

„ Цело време слушаме како проблемот е во преголемата потрошувачка во Чаир. Значи во Чаир не важи ниту еден закон ниту пак имаат сочуство за останатите сограѓани и тамошните жители се однесуваат како водата да е само нивна. Таму се дивоградбите, таму се троши најмноу вода, таму се дивите приклучоци...Нека влезат надлежните, нека почнат да казнуваат, затоа што ова не личи на ништо. Не може заради една населба да пати половина град“, вели Михајло Р., жител на Автокоманда.

Велат дека и минатите години вода се трошела подеднакво исто и не им е јасно зошто сега одеднаш се случува да снемува вода.

И од делови од Гази Баба, жителите спасот го бараат каде можат. Кој заминал кај роднини на село, кој во викендици, само за да можат да ги преживеат летните горештини.

„Јас заминав кај пријатели во Охрид, затоа што без вода навистина не се живее, посебно кога си со мали деца“, вели Мирјана, жителка на Автокоманда.


„Железара никогаш на лето не останувала без вода. Никогаш не сме трпеле вакво нешто. Којзнае што се случува“, вели Вера, постара жителка на оваа населба.

Од Водовод и канализација објаснувањето е дека премногу се троши водата.

Последното соопштение оттаму дојде вчера дека продолжила енормната потрошувачка на вода, што повторно ја нарушува стабилноста на водоснабдителниот систем.

Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.  Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност. Апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл. Воедно и апелираме до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку Месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење“, соопштија од Водовод и канализација. Д.Т.



Можеби ќе ве интересира

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината

Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица

Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица

Бојан Маричиќ се пријавил за претседател на ДИК

Бојан Маричиќ се пријавил за претседател на ДИК

Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП

Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП

АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила

АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила

„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата

„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата

ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКУВА НА КОГО САКА: Тошковски за темата мигранти

ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКУВА НА КОГО САКА: Тошковски за темата мигранти

ДЕЛ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПОСЕДУВААТ ВАКВО ИСКУСТВО: Oва ги турка напред во кариерата

ДЕЛ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПОСЕДУВААТ ВАКВО ИСКУСТВО: Oва ги турка напред во кариерата