Старата скопска чаршија на удар – Дуќаните ќе се унифицираат
Објавено во: Македонија 26 Март, 2015
Министерството за економија објави јавен повик за Избор на идејно решение за излозите и рекламите во Старата скопска чаршија.
Целта според министерството е да се креира идејно решение за унифицирање на излозите и рекламите во неа, на начин кој ќе придонесе за зачувување на нејзината автентичност и традиција.
Повеќе нема да има различно димензионирани излози на ист тип занаетчиски дуќани, ниту букви со различна големина и различно осветлување на фирмите на дуќанџиите.
Разноликоста и шаренилото на излозите ќе бидат заменети со унифицирани излози по големина, и тоа за златарите, за угостителите и за сите други занаетчии. Покрај тоа, по еден урнек, користејќи исти симболи и големина на букви, ќе се испишуваат и рекламите во чаршијата.
Оваа идеја не им се допадна на дуќанџиите кои се изненадени од ваквата идеја, и сметаат дека чаршијата мора да остане да живее во духот на традицијата.
Оние пак кои ќе сакаат да ги уредат излозите, или да изработат реклами или, пак, да ги испишат фирмите според избраните идејни решенија, Министерството за економија ќе им додели субвенции во висина од 100 до 1.000 евра.
Всушност оваа идеја претставува продолжение на идејата за сигнализација и осветлување на Старата чаршија. Идејата подоцна ќе продолжи да се применува и во чаршиите во другите градови, Битола, Охрид...